„Се знае која партија ја користи власта за да се збогати и да го плаши народот. Времето на страв заврши. Оние кои палат билборди од гнев дека ги губат изборите, мора да бидат казнети од законот и правдата, но и од меѓународните набљудувачи“, се вели во реакцијата од коалицијата на опозициските партии на Албанците
Коалицијата „Вреди“ на опозициските партии на Албанците утрово соопшти дека синоќа бил опожарен билборд на нивниот кандидат за претседател на државата, Арбен Таравари на улицата кај Зоолошката градина во Скопје.
Од коалицијата велат дека сакаат да веруваат дека станува збор за несреќа, но билбордот, како што додаваат, воопшто не бил допрен од другата страна, поради што се сомневаат дека е намерно запален и бараат виновниците да бидат казнети.
„Коалицијата ‘Вреди’ го крева гласот за палење на билборд на кандидатот Арбен Таравари, на полноќ, во Скопје. Виновниците мора да бидат казнети со закон, затоа што ќе бидат тешко казнети и со гласање. Билбордот веднаш ќе биде заменет, но тие ќе изгубат“,
се вели во писмената реакција на коалцијата на опозициските партии на Албанците.
Без конкретно да ја именуваат, оттаму велат дека се знае која партија од власта има насилници и криминалци во своите редови.
„Се знае која партија ја користи власта за да се збогати и да го плаши народот. Времето на страв заврши. Оние кои палат билборди од гнев дека ги губат изборите, мора да бидат казнети од законот и правдата, но и од меѓународните набљудувачи. Го повикуваме народот да почека уште неколку недели, изборите се ближат, насилниците си заминуваат!“
порачуваат од коалицијата „Вреди“.
Инаку, Таравари и носителот на пратеничката листа во Првата изборна единица од коалцијата, Изет Меџити вчера беа во Градскиот парк во Скопје, каде што се наоѓа и Зоолошката градина, каде учествуваа на одбележувањето на Меѓународниот ден на спортот, а во рамките на кампањата за првиот круг на претседателските избори закажан за 24 април.