Аргентинската ѕвезда Лионел Меси имаше интервју за аргентинскиот весник „Оле“ во кое тој зборуваше за продолжувањето на клупската кариера. Се шпекулира дека можно е капитенот да настапи и на Светското првенство во САД, Мексико и Канада во 2026 година.

Играчот на ПСЖ кој моментно има 35 години, се сомнева дека ќе игра и на следниот Мундијал.

– Поради моите години, тешко дека ќе играм во 2026 година. Сакам да играм фудбал и сè додека сум во добра форма и додека уживам на теренот, ќе продолжам да играм. Во овој момент се чини дека следниот Мундијал е предалеку, но сè зависи од тоа колку ќе трае мојата кариера – рече Меси.

Тој индиректно одговори на изјавата на Швеѓанецот Златан Ибрахимовиќ дека „гаучосите“ никогаш повеќе нема да освојат ништо кога Лео ќе се пензионира.

– Не можам повеќе да повторувам, милион пати сум кажал. Никој не може да освои ништо во фудбалот без помошта на тимот. А тоа се виде и во Катар. Секој играч кој излезе на теренот прикажа неверојатна игра, подобра од што некој очекуваше. Да не зборуваме за играчи како Енцо Фернандез, Алексис Мекалистер, Хулиан Алварез, кои пред тоа не освоија ништо значајно во кариерата. Овој тим покажа дека дојдовме на првенството исклучително подготвени, дека имавме голема самодоверба, знаевме колку сме силни. И за крај уште еднаш да подвлечам, Аргентина ја освои титулата тимски, не поради мене – вели Меси.