Вардар со победа во Кисела Вода до опстанок

На едно коло до крајот од плејаут натпреварувањето, веќе се разрешени сите дилеми околу тоа кои екипи ќе обезбедат опстанок, а кои ќе се преселат во Втората лига од наредната сезона. Кожув со гостински триумф ја запечати судбината на Охрид, додека Вардар во скопската пресметка славеше во Кисела Вода над Академија ФМП со 72-85, резултат со кој „црвено-црните“ го осигураа опстанокот во елитното друштво.

Првото полувреме мина во израмнета борба, Вардар замина на одмор со минимални 41-42, по што избраниците на Јованчев клучната предност ја остварија во третата четвртина поведувајќи со 53-61. Не само што гостите не му дозволија на домашниот состав да се врати, туку Вардар успеа да ја зголеми уште повеќе предноста и да слави со конечни „плус 13“ во овој најважен меч за „црвено-црните“ оваа сезона.

Хот беше импресивен под обрачите, крилниот центар го одигра својот најдобар меч за Вардар со дабл-дабл од 24 поени и 17 скокови, додека Фаџет го заврши мечот со 21 поен и 9 асистенции за Вардар. Кај Академија ФМП, екипа која со овој пораз ги загуби шансите за опстанок, најефикасни беа Петровски со 19 и Сантана со 12 поени.

Се вчитува...