Денеска се прославува Рамазан Бајрам


Верниците од исламската вероисповед денеска го слават празникот Рамазан Бајрам. Верниците го слават празникот по завршување на постите кои траеја цел месец кога не се јаде и не се пие ништо од изгрејсонце до зајдисонце, а на крајот на дневниот пост се подготвува ифтарска вечера. Месецот Рамазан е деветтиот месец во исламскиот календар и се смета за месец на почетокот на објавата на светата книга за муслиманите – Куранот.
Денешното празнување почнува со утринска молитва во џамија, а потоа верниците одат на гробишта за да ги посетат гробовите на нивните предци и блиски. Празникот прво им се честита на најстарите, а потоа и на останатите. Рамазан Бајрам се слави три дена.
На овој ден муслиманите им помагаат на сиромашните, на децата без родители и на осамените, а помагањето е должност на секој муслиман за Рамазан Бајрам.
Честитка за празникот прв упати поглаварот на Исламската верска заедница (ИВЗ), Шаќир Фетаи кој порача да престанат сите оружени конфликти во светот, да владее мир насекаде, бидејќи како што наведе, само во мир човештвото може да оди напред кон нови случувања, за доброто на сите луѓе, без′ разлика на раса, пол, веросиповед или етничка припадност.
Од утрово, политичарите и функционерите упатија рамазански честитки до верниците кои го слават празникот. Рамазан Бајрам е државен празник во Македонија.
