Именувани се новите амбасадори на ЕУ, вклучително и за Западен Балкан – во Скопје на местото на Гир доаѓа грчкиот дипломат Рокас Михалис

627

Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, именуваше нови шефови на делегации на ЕУ во 44 земји, вклучително и Западен Балкан.

Процесот на назначување во рамките на дипломатската ротација ќе биде завршен со прием на официјални договори од земјите домаќини, соопшти денеска Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС).

Меѓу новоименуваните европски дипломати е и актуелниот амбасадор на Естонија во ЕУ, Аиво Орав, кој наместо Томаш Суњог ќе биде шеф на Канцеларијата на ЕУ во Косово и специјален претставник. Орав претходно беше шеф на делегациите на ЕУ во Северна Македонија и Црна Гора.

Специјалниот претставник за дијалог меѓу Белград и Приштина, словачкиот дипломат Мирослав Лајчак е назначен за нов амбасадор на ЕУ во Швајцарија, но името на неговиот наследник нема да се знае пред формирањето на новата Европска комисија по јунските избори за Европскиот парламент.

Италијанскиот дипломат Луиџи Сорека ќе биде новиот шеф на Делегацијата на ЕУ во Сараево, која има и статус на специјален претставник на ЕУ. Сорека е поранешен амбасадор на ЕУ во Албанија.

Сорек ќе го наследи Јохан Сатлер, кој ќе стане амбасадор на ЕУ во Црна Гора.

Амбасадор на ЕУ во Северна Македонија ќе биде грчкиот дипломат Рокас Михалис, поранешен амбасадор на Унијата во Мексико.

Генералниот директор на ЕЕАС за Европа, Анџелина Ајхорст е назначена за амбасадор на ЕУ во Египет.

Екатерина Дордонова, советничката за Западен Балкан во ЕЕАС, која беше и заменик-шеф на Делегацијата на ЕУ во Босна и Херцеговина, заминува да стане амбасадор на ЕУ во Еквадор.