Search
Трн во Битола

Владимир Симоновски – Симе: Да се биде битолчанец

Сите во овој град биле топло примени. Кој и да дошол е добредојден. Ако има што да покаже, ако има што да каже е добредојден. Спремни сме да учиме. Спремни биле сите да учат едни од други. Спремни биле да живеат заедно и ако има примери за соживот во еден град тоа е Битола… Битола ги прифаќала сите. Без исклучоци, ако биле квалитетни.

Многу децении Широк сокак е главната социјална артерија на Битола. Место за пиење кафе, место за денгубаеење, за бизнис и „алашвериш“ како што велат битолчани. И токму тука го сретнавме Владимир Симоновски, една од иконите на Широк сокак, уметничка душа и угостител кој повеќе од дваесет години е на Широк сокак. Од утро до вечер во веќе легендарното „Буре“  на најпознатиот и најширокиот македонски сокак.

Битолчани се многу горди на својот град, па така и Симе. Главниот квалитет зошто тој е горд на родната Битола, за него не се ни конзулите, ни клавирите, туку соживотот.

– „Главно сите се повикуваат на конзулски град, на клавири, на Манаки.. и тоа е се во ред ама на соживот… Сите во овој град биле топло примени. Кој и да дошол е добредојден. Ако има што да покаже, ако има што да каже е добредојден. Спремни сме да учиме. Спремни биле сите да учат едни од други. Спремни биле да живеат заедно и ако има примери за соживот во еден град тоа е Битола… Битола ги прифаќала сите. Без исклучоци, ако биле квалитетни“.

Етничката и верската разноликост ја правеле Битола силна – „ …до Втора светска војна бил отворен град, имал луѓе од различни земји, различни јазици, различно се и разликите ги правеле тие работи кои што денес за среќа уште ги чувствуваме, тие придобивки од тој живот. Како отворен космополитски град, имале на увид да научат нешто од сите култури кои што тука биле присутни. Имало Евреи, имало Грци, имало Османлии,Турци, Ерменци и токму тоа мешање на квалитети останало до ден денес како колективна свест, затоа што ние сме четврта генерација по таа колективна свест и уште ги чувствуваме тие работи сè уште. Така да, точно тој соживот и тој „алашвериш“ што го имале, на ти-дај ми, таа трговија како град во Румелија како главен град во Румелија, во овој дел од Османлиското царство и ден денес ги прави луѓето толку такво какви што се.“

Според Владимир, она што и ден денес ги прави битолчани компетитивни кога одат насекаде низ светот, дали на печалба, или како врвни уметници, музичари и научници, е тој битолски сентимент на отвореност, но и длабока поврзаност со културните постулати на градот од кој доаѓаат.

– „ И кога ќе излезат надвор, точно тоа ги прави автентични. Тоа што се од Битола ги прави автентични и можат да ја продадат само таа приказна. Кој го учи тоа, кој  му го кажуваат тоа како на мене што ми го кажаа, кој се труди да го закопа тоа, мада многу малку се трудат битолчани да го закопаат тоа. Врви приказнава… Вели Симе, па додава: Кога ќе научиш од многу култури и таа колективна свест формирана од многу култури во однос на тие рамки кои што ние луѓето ги нарековме уметност, функционираат некаде надвор во светот ако правиме муабет за уметност. Исто така и за бизнис ако правиме муабет ова е отворен град, трговски град е, и во трговија успеваат. Ги носат потенцијалите и ги развиваат затоа што таму некаде на запад е многу полесно да ги развиеш тие некои потенцијали ама приказната од тука пласирана таму е нешто друго. И за тој свет е нешто друго…“

Освен кафето, клавирите, конзулите, Манаки, Ататурк… има една појава која е чисто битолска и е неодминлива тема на секој чаршиски муабет во Битола: битолските кабадаи. На прашањето како се станува кабадаја,  Владимир со насмевка, вели:

„- E видиш, то не можеш да станиш, то се раѓаш. Така се раѓаш. Има и системи како се стигнува до сето тоа. Основниот систем е тоа што Османлиите ни оставија во овој град нешто што се вика кафе,муабет, весник, локум, седење по цел ден.. Имаме и Дембел чаршија. И кога си ојдоа тие ние сакавме да бидиме тие. И го остваривме сонот во овие 100 години. И затоа тоа е нешто што е многу чудно како појава ама е многу интересно. Така да ти можеш ништо да немаш ама пак да бидеш кабадаја и околина и средина и семејство тоа те гради и те формира.

Има луѓе кои се деца сè уште затоа што кабадајлукот не може да излезе од нив и уште се однесуваат детски, оти мисли дека тој треба да биди кабадаја и тоа е еден алгоритам за детство. Јас би го дефинирал така после 20 години од филмот „Кабадаја“, заради тоа што тој прави што сака и е прв и главен секаде макар да не бил ништо во животот.“

Владимир нè испрати со препорака да отидеме вечерта до „Офицерскиот“ на изложба и со покана: „Пак да ни дојте. За арно.“

„Ако одам во Битола, ќе прошетам по Широк сокак.

А на Дембел чаршија кафе ќе се напијам,

младост мило ќе си спомињам…“

Најново

Последни колумни