Бездомното куче Чопер повторно е кај газдите и утре ќе патува за Германија

Неколку часа траеше патешествието додека кучето Чопер, по кое македонските граѓани трагаа со денови, а кое повторно се најде во рацете на неговите сопственици кои се со потекло од Виетнам, а со привремен престој во Скопје. Тие утре, в сабота, заедно со бездомното куче од скопските улици, ќе отпатуваат за Германија, објави агенцијата Мета.мк.

По објавувањето на сторијата за Чопер на Мета.мк, во 1 часот наутро на агенцијата и’ пишале луѓе кои ја известиле дека кучето се наоѓа кај нив, во населбата Шуто Оризари. Тие им рекле дека го нашле како талка по скопските улици и дека веќе неколку дена се грижат за него. Со посредство на новинарите, во 2 часот утринава, неговите сопственици успеаја да си го земат Чопер и сега тој конечно ќе може да отпатува заедно со нив во Германија, бидејќи веќе ги поседува сите потребни документи.

Фотографија од Чопер во населбата Шуто Оризари, извор: Мета.мк

Сторијата за Чопер предизвика големо внимание, откако видео креаторот и јутјуберот Филип Ву со потекло од Виетнам, објави вирално видео на социјалните мрежи дека кучето му се загубило, а тој планирал да си го земе со него, откако три месеци го чувал во Скопје.

Видеото имаше над 450.000 прегледи на Инстаграм, а Мета.мк претходно разговараше со Филип Ву, кој очајно, со денови, трагаше по него.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Phillip Vu (@phillipqvu)

„Престојувавме во Охрид, во планински дел, имаше многу животни кои поминуваа, но имаше едно куче кое постојано доаѓаше до куќата каде што престојувавме. Му дававме храна и потоа решивме да го чуваме и го донесовме во Скопје со нас“, објасни тој.

Филип за време на неговиот престој го вакцинирал и чипирал кучето и ги извадил сите потребни документи. Дополнително, за да може да го понесе со него во Германија, се вратил до таму и купил кола за да може да патува со кучето.

Но, додека возел кон Македонија, пријателката со која престојувал Чопер му соопштила дека тој се изгубил.

„Специјално се враќав во Германија да купам кола за да можам да го земам кучето и да го однесам таму. Но, по пат, за жал, дознав дека тој се изгубил“, раскажа Филип за Мета.мк.

По објавувањето на сторијата на Мета.мк, новинарите добиле порака од семејство од Шуто Оризари дека кучето се наоѓа кај нив, а откако им ги испратиле фотографиите на сопствениците на Чопер, тие се увериле дека станува збор за нивното куче. Час и половина подоцна, успеале да го соединат Чопер со неговите сопственици.

„Немаме зборови како да ви се заблагодариме. Конечно, утре, в сабота, заедно со Чопер тргнуваме за Германија. Немавме никаква намера да се откажеме од него. Вечерва конечно мирно ќе спиеме“, изјавиле неговите сопственици.

Среќата на Чопер сепак на крајот му се насмевна и од бездомно куче кое талка по улиците, сега ќе има свој дом и живот во Германија.

Мета