Сите домаќини победија во првите мечеви од НБА-плејофот

Нема брејкови и победа на гостински тим по првите натпревари од првото коло на плејофот во кошаркарската НБА-лига.

Рано утрово, Миловки бакс и без Јанис Адетокумбо ја победи Индијана пејсерс со 109-94, додека Оклахома сити тандер славеше со тесни 94-92 против Њу Орлеанс пеликанс, кај кои го немаше Зајон Вилијамсон. Доцна синоќа и ЛА клиперс победи дома во дуелот со Далас маверикс, резултатот беше 109-97.

Еден од јунаците на вечерта е Демиен Лилард, кој на својот прв меч за Бакс во плејофот постигна дури 35 поени во првото полувреме, а во второто не даде кош и неговите соиграчи ја довршија работата.

Клиперси и без Кавај Ленард во составот доминираа против Далас, а заслугата е кај Џејмс Харден со 28 поени. Кај гостите, Лука Дончиќ уфрли 33, Кајри Ирвинг 31 поен, но многу од тие поени беа дадени откако победникот беше одлучен.

Во Оклахома сити се водеше тесна битка. За Тандер тоа беше прв домашен плејоф-меч по пет години. Шај Гилџиус-Александер, кој заврши со 28 поени, го даде клучниот кош на мечот.

- Оглас -

Најнови вести