Мицкоски очекува 61 мандат на изборите во среда – Ковачевски вели: ВМРО-ДПМНЕ не смее да има апсолутна моќ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Првиот круг беше изненадување и успех за ВМРО-ДПМНЕ, според разликата на бројот на освоени гласови на Силјановска-Давкова во однос на Пендаровски, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Што би било неуспех во вториот круг, не одговори, но порачува дека очекува неговата партија да освои доволен број на гласови за 61 мандат во Собранието. Иако претходно велеше дека неговата партија на изборите ќе освои околу 55 пратенички мандати, сега Мицкоски вели дека очекува 61.

Верувам дека во среда ќе имаме двојна убедлива победа, Гордана Силјановска Давкова ќе биде идниот претседател на Македонија, а коалицијата Твоја Македонија и ВМРО-ДПМНЕ ќе имаат 61 пратеник“, вели Христијан Мицкоски.

-Г-не Мицкоски вчера кажавте 55 пратеници и половија милион гласови за Гордана Силјановска Дакова…

55 плус, 55 плус…

Но, за претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, апсолутна моќ во рацете на ВМРО-ДПМНЕ е погубна опција за државата и за граѓаните. Како што вели тој, граѓаните мора да се присетат на оние 11 години власт на ВМРО-ДПМНЕ, кога како што вели државата  беше изолирана и заробена.

Не смееме да ја повториме грешката од минатото и да дадеме преголема моќ во рацете на десничарска власт како што е ДПМНЕ. Уште се свежи раните кои што ги нанесоа на државата за време на 11 годишното автократско владеење. Сетете се на заробените медиуми, на замолчените вработени во јавниот сектор, на натепаните студенти во библиотеките и плоштадите. Сетете се на милионите потрошени на жални врби, лажен барок, евтин стиропор само да се богадат поединци“, вели Димитар Ковачевски.

Според голем број на анкети, но и доколку гласовите од првиот круг од претседателските избори, се претворат во гласови за парламентарни, тогаш ВМРО-ДПМНЕ би освоила околу 55 пратенички мандати. Се претпоставува дека оваа партија би формирала идна владина коалиција со здружената албанска опозиција, односно коалицијата „Вреди“ која би имала од 13 до 15 пратенички мандати. Новото парламентарно мнозинство би го сочинувало и Движењето ЗНАМ на Максим Димитриевски за кое се предвидува дека ќе освои 10 пратенички места.