Пет проблеми што остануваат и по денешниот Меѓународен ден на образованието

Денешниот датум – 24 јануари во светот се одбележува како Ден на образованието. Прогласен од Обединетите нации како таков во 2018 година, целта е да се истакне улогата на образованието во овозможување развој во светот. Овој Ден се одбележува и во Македонија, каде образовниот систем постојано подлежи на проблеми што директно се одразуваат врз учениците и студентите, наставничкиот и професорскиот колегиум.

Затоа, на Денот кога институциите обично се фалат со своите достигнувања, ние потсетуваме на дел од предизвиците кои години натежнуваат на системот, а решенија не се најдоа ниту досега, со што тешко оди и „пркнувањето“ на цело општество.

1. Студентски живот во руинирани или непостоечки згради

Највисоката алка од системот – високото образование и студентите и натаму се изложени на мизерни услови кога станува збор за студентскиот стандард и овозможувањето пристоен студентски живот.

Еден таков пример е студентскиот дом „Стив Наумов“ кој е под капата на Државниот студентски дом Скопје. Студентите сместени таму и во изминатата година ги доживуваа ужасните и несоодветни тоалети, само што овој пат поради енергетската криза тие беа изложени и на студ додека внесување на било какво додатно грејно тело, како што ни изјавија, им било забрането. Наспроти студентите, директорот на ДСД Виктор Велевски уверуваше за големи зафати, реконструкција и подобра хигиената на домот.

Тоалет и парно во студентскиот дом „Стив Наумов“

Спортската сала на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје (УКИМ) лоцирана во кампусот зад Економскиот факултет при овој универзитет една деценија стои напуштена, а сега со слободен влез и целосно демолирана. Салата е проект вреден 2,5 милиони евра, а за состојбата во која се наоѓа одговорност не преземаат ниту Агенцијата за млади и спорт која беше надлежна за нејзина изградба, ниту УКИМ на кого треба да припадне клучот по завршувањето на изградбата. Тие играат пинг-понг додека студентите, а и парите на граѓаните се колатерална штета. 

По шест години од основањето, Универзитетот „Мајка Тереза“ се’ уште нема свој објект. Студентите шест години следеа настава во привремените објекти кои универзитетот ги доби на користење. Студентите чекаат дали ќе се оствари уште едно ветување, овој пат од министерот за образование Јетон Шаќири, кој најави инфраструктурен комплекс.

Зграда нема и за најпопуларниот меѓу студентите – Факултетот за информатички науки и компјутерски инженерство (ФИНКИ). Во 2022 година за упис на ФИНКИ интерес пројавија 1.200 апликанти, а 900 од нив на првиот уписен рок чекаа со часови за да ги поднесат своите документи. Скоро цела деценија помина од првичните најави на некогашниот министер Спиро Ристовски за „една од најсовремените и најнови згради“, за сега, актуелниот прв човек на МОН да каже дека изградбата на образовниот објект ќе биде продолжена во текот на 2023, зафати влезени во 18,3-те милиони евра предвидени за образовна инфраструктура.

Фото: Пријавни денови за прв уписен рок на ФИНКИ / Фејсбук страна на ФИНКИ

2. Помалку пари за наука и оброк 

Шаќири се пофали и дека се вложува во научни истражувања, предлог-буџетот на Министерството за 2023 година за наука е најмал во последните 10 години. Споредбено со минатата, 2022 година кога тој беше 412.285.000 денари, за 2023 буџетот за наука усвоен и од Владата изнесува 268.236.00 денари. Освен тоа, предлог-буџетот предвиде и намалување на средствата за вложување во ученичкиот и студентскиот стандард.

Дел од студентите и натаму се жалат дека не им се исплатени средствата за оброк, иако ваквата ситуација лани ги крена на нозе. Во ноември тие излегоа на протестен марш пред Собранието и на пратениците им оставија зденка и парче леб со што им порачаа да ги заменат оброците. По тоа, МОН одржа средба со нив по што предлог-законот беше повлечен, а се договорија оброкот да продолжи да се користи по старите критериуми се до 15 март оваа година.

3. (Не)инклузивно образование

Средношколците со атипичен развој во Македонија со години чекаат државата да обезбеди образовни асистенти. Иако Министерството за образование и наука (МОН) тврдеше дека образовни асистенти за средношколци се ангажираат преку програма за општинско корисна работа, склучена преку општини, министерства и донатори, сепак веќе неколкупати објавувавме дека таквиот начин недоволно функционира. Искуства покажаа, дека преку тој систем слабо беа платени образовните асистенти, а истовремено обавуваа функција и на лични асистенти, наставници и педагози, без доволен број материјали.

Народниот правобранител кон крајот на годината извести дека родители на деца со попреченост доставиле осум претставки заради необезбедени образовни или лични асистенти. Во две од претставките, барањата се однесувале за обезбедување образовни асистенти во средни училишта. Затоа, се чека на Предлог-законот за средно образование, кој ќе има инклузивна димензија, исто како и Законот за основно.

И основците со атипичен развој имаат проблеми. И нивните родители. Во 2022 не беа целосно формирани регионалните стручни тела што работат по Меѓународната класификација на функционирањето (МКФ), па многу од учениците учебната година ја почнуваа без проценка, без асистент, без Индивидуален образовен план.

Во голем број училишта нема или се нецелосни инклузивните тимови, додека Комитетот на ОН алармираше за недостапност и несоодветност на училиштата за атипичните деца, што ја попречува нивната пристапност. Со тоа, јасно е дека треба локалната самоуправа и сите училишта пристапноста да ја постават високо во приоритетите при планирањето на буџетот. Пристапноста не се состои само од изградба на пристапна рампа, туку и обезбедување лифт, адаптирани простории, сензорни соби, тоалети и сл.

4. Државните универзитети тонат на светските ранг-листи за најдобри универзитети

Покрај тоа што ниту еден од македонските универзитети ни минатата година не се најде меѓу најдобрите 1.000 на Шангајската листа, тие потонаа и на ново рангирање што го објави webometrics.com. Најголем пад на листата имаше Меѓународниот Славјански Универзитет во Свети Николе, кој назадувал преку 2.000 позиции. Големи падови имаат и Универзитетот за туризам и менаџмент (-1.449 места), Универзитетот Американ Колеџ (-1.040 ) и Универзитетот „Свети Климент Охридски“ во Битола (-865). Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ) се најде на 1.594 место во светот, што е пад од 101 место во споредба со рангирањето пред половина година.

УКИМ во споредба со 2021 година, лани забележа пад од 20 места и на листата што ја објави Центарот за рангирање на светски универзитети. Најголемиот универзитет во земјава беше рангиран на 1.964 место на листата на 2.000 најдобри универзитети. Во споредба со рангирањето за академската 2019-2020 година, каде УКИМ имаше најдобар резултат последниве години и беше 1.816-ти на листата, Универзитетот има назадувано за 148 позиции.

Во академската 2022/23 УКИМ кој е единствениот македонски универзитет на листата на Рангирањето според академски резултати (УРАП) за 2022/2023 година се најде на 1.709 место во светот. Во споредба со 2021/2022 година забележа пад од 41 место на ранг-листата на која 3.000 универзитети низ светот се оценуваат според објавените научни трудови, бројот на цитирања и нивниот импакт фактор, како и меѓународната соработка.

Бројот на ученици кои се запишуваат во јавните средни и основни училишта и натаму опаѓа. Податоците од пописот што се спроведе во 2021 година открија значителен пад во бројот на запишани ученици во училиштата. За две децении од претходниот попис во 2002 година, речиси 53 илјади ученици помалку се запишани во основните училишта, додека преку 25 илјади помалку средношколци го започнале својот прв школски час во учебната 2022/2023 година.

5. Учебници како одраз на општеството 

Покрај овие проблеми кои со години го тлеат македонскиот образовен систем, во 2022 година се објави и  учебникот „Историја и општество“ за 5 одделение во македонските основни училишта кој е дел од новите учебници издадени од Министерството за образование и наука (МОН) според новата концепција за основно образование. Во учебникот беа забележани бројни пропусти и грешки.

„Монт Еверест е највисока точка на земјата на 29.035 метри надморска височина. Најниска точка е Мртвото Море, кое е повеќе од 1.400 метри под морското ниво“. „На исток нашата земја се граничи со Република Албанија (…) На запад со Република Бугарија“. Ова се дел од погрешните факти кои се вметнати во  учебникот. На овие и другите пропусти реагираше и јавноста, по што со извинување се огласија и авторките на учебниците, а МОН информираше дека ќе се формира комисија која ќе ја преиспита целата содржина и ќе даде предлог за соодветни корекции.

Ангела Бошкоска