Нема да има средба Блинкен – Лавров во Скопје

И покрај најавите, за време на самитот на ОБСЕ во Скопје на крајот од месецов нема да се сретнат државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, и министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, објави руската државна новинска агенција ТАСС.

Вашингтон не побарал средба и „нема да има средба“, го цитира агенцијата рускиот заменик-шеф на дипломатијата Сергеј Рјабков.

Претходно, Лавров порача дека ќе присуствува на Министерскиот совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), што ќе се одржи во Скопје на 30 ноември и 1 декември, доколку Бугарија го отвори својот воздушен простор за руски летови. Тој исто така рече дека некои западни земји веќе побарале средби со него.

„Ако некој ни пријде, ние никогаш не бегаме и не се криеме“, изјави Лавров.

Претходно, Владата на Македонија донесе одлука за укинување на забраната за летање на рускиот авион што ќе овозможи учество на шефот на руската дипломатија на самитот на ОБСЕ во Скопје, на кој ќе присуствуваат 76 делегации, 57 од земјите членки на Организацијата и други држави-партнери.