Научен конгрес „Science@FEEIT” организиран од ФСС на ФЕИТ, овојпат на регионално ниво

Најновите научни истражувања, зајакнување на регионалната соработка и креирање на цврсти врски помеѓу академската и деловната заедница ќе бидат во фокусот на научниот конгрес „Science@FEEIT", која ќе се одржи од 9-12 мај 2024 година во Скопје

Илустрација: ФЕИТ

Најновите научни истражувања, зајакнување на регионалната соработка и креирање на цврсти врски помеѓу академската и деловната заедница ќе бидат во фокусот на научниот конгрес „Science@FEEIT”, кој ќе се одржи од 9 до 12 мај во Скопје.

„Science@FEEIT” е во организација на Факултетското студентско собрание (ФСС) при Факултетот за електротехнички и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, и годинава ќе се одржи по четврти пат. За да се зајакне соработката помеѓу студентите, факултетите и бизнис заедницата, годинава „Science@FEEIT” за прв пат ќе биде организиран на регионално ниво и ќе учествуваат и претставници на техничките факултети од регионот.

На годинешното издание ќе се презентираат најновите достигнувања во неколку панели, поделени во теми. Панелите се посветени на теми како вештачка интелигенција и машинско учење, но и теми поврзани со кариерно насочување по завршување на студиите, а свои излагања ќе имаат професори, претставници од бизнис заедницата и млади истражувачи.

„Во ера на брза дигитализација, иновации, вештачка интелигенција и целосна трансформација на општествата, јакнењето на врските помеѓу академската и деловната заедница е од клучно значење. Така се овозможува размена на искуства и знаења, но истовремено се поттикнуваат иновации, нови истражувања и континуирано надоградување што е клучно за нас студентите. Имаме огромна поддршка од сите наши професори и целокупниот научно наставен кадар, што е од огромно значење. Драгоцена е и поддршката од деловната заедница“, истакнуваат од Факултетското студентско собрание при ФЕИТ.

Инаку, „Science@FEEIT” е поддржан и од бизнис заедницата, пред сè од компании од неколку различни индустрии и тоа телекомуникации, енергетика, информатичка технологија и други полиња од областа на инженерството. Претставниците на компаниите ќе имаат можност за презентација на иновациите што се имплементирани во нивното работење, а ќе можат да ги презентираат и условите за работа пред студентите кои се во завршните години од своето образование.

„Science@FEEIT” е платформа која служи за размена на иновациите во науката, најновите истражувања во областа на техничките науки и зајакнување на партнерствата и соработката помеѓу професорите и студентите. Покрај тоа, оваа платформа има за цел и градење на соработка помеѓу студентите и деловната заедница и поголемо вмрежување.