Полска се вклучи во европска истрага за руска шпионажа во земјата

Меѓу санкционираните се и прорускиот украински политичар Виктор Медведчук и информативниот портал voiceofeurope.com за водење на операцијата за проруско влијание во Европа, соопшти чешкото Министерство за надворешни работи.

од Бети Божиноска

Полската агенција за внатрешна безбедност (ABW) вчера спроведуваше рации како дел од заедничката истрага со други европски безбедносни служби за наводна руска шпионажа, пренесува „Еурактив“.

Главен центар за воени испораки на Западот за Украина во нејзината борба против руската инвазија, Полска вели дека станала главна цел на руските шпиони и ги обвинува Москва и нејзиниот сојузник Белорусија дека се обидуваат да ја дестабилизираат.

„Документирани се дејствија насочени кон организирање проруски иницијативи и медиумски кампањи во земјите на ЕУ“, се вели во соопштението на ABW, во кое се споменува веб-страницата voice-of-europe.eu за која се вели дека објавува проруски материјали.

Претходно во вторникот беа извршени претреси во Варшава и Тихи во западна Полска, но властите не наведоа поконкретни детали. Операцијата била координирана со други земји, особено со партнери од Чешката Република, се вели во соопштението.

„Откривме проруска мрежа која развиваше операција за ширење на руското влијание и за поткопување на безбедноста низ Европа. Затоа на списокот со санкции додадовме две физички и едно правно лице. Домашните власти потоа ги запленија нивните средства,“ напиша чешкиот премиер Петр Фиала во пост на „Х“.

Меѓу санкционираните се и прорускиот украински политичар Виктор Медведчук и информативниот портал voiceofeurope.com за водење на операцијата за проруско влијание во Европа, соопшти чешкото Министерство за надворешни работи.

Медведчук, кој беше префрлен во Русија во 2022 година, тајно ги финансирал операциите за влијание на порталот Voice of Europe, кој е регистриран во Чешка, пред овогодинешните избори за Европскиот парламент, вклучително и финансиска поддршка за европските политичари.

„Кампањата за проруско влијание беше насочена против територијалниот интегритет, суверенитет и слобода на Украина. Санкциите ќе и помогнат на безбедноста на Чешка и да го заштитат демократското однесување за време на претстојните избори за Европскиот парламент,“ соопшти Министерството.

Медведчук е деловен магнат и поранешен пратеник кој во 2022 година беше испратен во егзил во Русија во замена за украинските воени затвореници и му беше одземено украинското државјанство.

Фиала, исто така, рече дека Чешката Република е на почетокот на операцијата за разбивање на шпионската мрежа, вклучувајќи ги и случувањата во четвртокот во Полска, и најави дека ќе следат акции во други земји.

Холандскиот премиер Марк Руте во четвртокот ги нарече загрижувачки извештаите за проруските обиди да се влијае врз политичарите на ЕУ и рече дека Холандија „ќе го направи неопходното“.

„Ова покажува колку е голем ризикот од странско влијание. Тоа е закана за нашата демократија, за нашите слободни избори, за нашата слобода на говор, за сè,“ предупреди Руте.

Последните активности на ABW произлегоа од истрагата завршена во јануари, во која беше обвинет полски државјанин осомничен за шпионирање во корист на руските специјални служби.

„Човекот, кој беше ставен меѓу полските и европските парламентарци, извршувал задачи нарачани и финансирани од соработници на руското разузнавање, што вклучувало пропаганда, дезинформации и политички провокации“, се вели во извештајот.

 

Слични содржини