Герт Вилдерс бара Палестинците да се преселат во Јордан, Арапите гневни


 

Јордан, палестинските власти и Арапската лига во саботата ги осудија изјавите на Герт Вилдерс, холандскиот политичар од екстремната десница, кој победи на изборите оваа недела во Холандија, дека Палестинците треба да се преселат во Јордан.

Палестинската управа ги означи изјавите како „повик за ескалација на агресијата против нашиот народ и бесрамно мешање во нивните работи и иднина“, објави новинската агенција Вафа.

Јордан издаде посебна осуда, а Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), Бахреин, Јемен и Арапската лига го сторија истото, објави Араб њуз.

„Неодговорните изјави дадени од холандскиот парламентарец Герт Вилдерс [се сметаат за мешање во внатрешните работи на Хашемитското Кралство Јордан и [се] отфрлаат и се осудуваат“, напиша амбасадата на ОАЕ во Холандија на Икс.

Популистот и антиисламски екстремно десничарски политичар, Вилдерс, лидер на Партијата на слободата (ПВВ), е познат по неговата цврста поддршка за Израел. Во текот на последните неколку години, тој се залагаше за правото на Израел да постави населби на Западниот Брег и често ја повторуваше идејата дека Јордан е Палестина, сугерирајќи дека конфликтот меѓу Палестинците и Израел може да се реши преку дислокација на Палестинците во Јордан.