Свет
Судир меѓу полицијата и пропалестинските демонстранти во Лос Анџелес: полицајците фрлија шок бомби, упаднаа во камп пред универзитетот
Полицијата ги отстрани барикадите и почна да го демонтира кампот на пропалестински демонстранти во кампусот на Универзитетот во Калифорнија, Лос Анџелес (UCLA), откако стотици не ги послушаа наредбите да си заминат.
Полициската акција следеше 24 часа по конфликтот во кампусот кој започна со напад на група про-израелски демонстранти врз пропалестинскиот камп, пренесе Гласот на Америка. Полицијата денеска приведе мала група демонстранти во кампусот. Акцијата дојде откако полицајците со часови се закануваа со апсење преку звучници доколку луѓето не се разотидат.
Додека полициските хеликоптери лебдеа над нив, звукот на шок-бомбите, кои произведуваат силни светла и гласни звуци за да ги дезориентираат и зашеметуваат луѓето, пробиваше низ воздухот. Демонстрантите скандираа „каде бевте синоќа?“ додека се приближуваа полицајците.
Полицајците носеа шлемови, заштитни елеци и палки, а дел од демонстрантите носеа гас-маски, додека други извикуваа „сакате мир, ние сакаме правда“. Полицијата ги отстрани барикадите на кампот од иверица, пелети, метални огради и корпи за отпадоци за да стигне до десетиците шатори на демонстрантите. Полицијата почна да урива и настрешниците и шаторите.
Демонстрантите држеа чадори како штит додека се соочија со десетици полицајци. Протестот во UCLA е еден од многуте пропалестински демонстрации во колеџските кампуси низ целата земја што резултираа со стотици апсења. Полицијата во Њу Хемпшир ги уапси демонстрантите и ги отстрани шаторите доцна синоќа и рано утринава во колеџот Дартмут.
На Универзитетот во Тексас во Далас, полицијата расчисти пропалестински камп откако уапси најмалку 17 лица.
Вчера во Њујорк, полицијата уапси најмалку 15 лица на Универзитетот Фордам додека ги растера учесниците во пропалестинскиот протестен камп. На Универзитетот во Минесота, организаторите на протестот доцна синоќа рекоа дека нивното седење ќе продолжи откако претходно во текот на денот разговараа со в.д. од претседателот на универзитетот Џеф Етингер.
Универзитетот Колумбија вчера објави дека сите преостанати академски активности за претстојниот семестар ќе се одржат од далечина по протестите кои вклучија окупација на зграда на кампусот. Во вторникот вечерта полицијата ги растера демонстрантите и уапси речиси 300 луѓе.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Девојка од Чикаго на 17 години стана доктор на науки
Дороти Џин Тилман од Чикаго стана најмладата личност, на 17 години, што успеа да се здобие со докторска диплома за интегрирано бихевиорално здравје во Аризона.
„Ова е прекрасна прослава и се надеваме дека Дороти Џин ќе инспирира повеќе студенти. Но, ова е нешто многу ретко и уникатно“, вели вонредниот професор Лесли Менсон.
Кога повеќето ученици се обидуваат да се адаптираат во средно училиште, Дороти веќе беше запишана на колеџот во Лејк Каунти во северен Илиноис, каде што дипломира психологија.
Во 2018 година таа дипломира на отсекот хуманитарни науки на колеџот „Екселсиор“ во Њујорк. Две години подоцна, магистрира на колеџот „Јунити“ во Мејн пред да биде примена на Програмата за бихевиорално управување.
Поголемиот дел од нејзиното образование го реализира на далечина, преку онлајн настава.
Како што вели таа, најголема заслуга за целото нејзино образование има нејзината баба, како и нејзината мајка, на која е благодарна за помошта и насочувањето. Секако, целиот образовен процес не бил без жртва.
„Немав секојдневна училишна работа, немав училишно фотографирање или работи кои создаваат единство меѓу врсниците “, вели таа.
Свет
Трамп вети олеснување на прописите во САД за поседување оружје што ги воведе Бајден
Поранешниот американски претседател и републикански претседателски кандидат Доналд Трамп вети во говорот во Националната асоцијација за пушки (NRA) дека ќе ги олесни прописите за поседување оружје што ги воведе демократскиот претседател Џозеф Бајден.
Трамп го искористи обраќањето до илјадници членови на NRA во Далас за да ја расветли неговата политика, но и да ги охрабри членовите на NRA да гласаат на ноемвриските избори, пренесува Ројтерс. „Треба да ги натераме сопствениците на оружје да гласаат. Мислам дека сте бунтовен куп.
„Бидете бунтовни и гласајте овој пат“, рече Трамп во говорот што траеше повеќе од 90 минути.Националната асоцијација за пушки (НРА) со ентузијазам го поддржа Трамп за време на претседателската трка во 2016 година и во текот на неговата администрација.
Регион
Под сомнение за планирање терористички напад уапсено е малолетно девојче од Црна Гора
Во Австрија е уапсено четиринаесетгодишно девојче од Црна Гора, кое, според австриските медиуми планирало терористички напад на Јакоминиплац во Грац, а истражителите од Државната служба за државна безбедност и борба против екстремизмот во Штаерска успеале да спречат тоа.
При претресот на куќата, како што пишува истиот медиум истражителите заплениле секира и нож.
Информациите за планираниот напад дојдоа од Европска безбедносна управа. На овој начин, локалните истражители од Државниот завод за државна безбедност и борба против екстремизмот (ЛСЕ) на Штаерска им влегле во трага на првично непознатите лица.