Сериозни сомнежи за кеш на рака за Израелецот Еисин – Ковачевски вели, се било чисто

Сериозни сомнежи за кеш на рака за Израелецот Еисин – Ковачевски вели, се било чисто

Сериозни сомнежи за кеш на рака и испумпување државни пари за финансирање на партиска кампања, а лидерот на СДСМ тврди дека се било чисто и ќе се видело во конечните финансиски извештаи. Димитар Ковачевски се заплетка во одговорот на прашањето на Алфа – дали го ангажирал изралескиот пи – ар гуру Асаф Еисин. Вели дека имал средби со повеќе агенции и продукции и од Македонија и од странство, но дека наводно се уште немало одлука кој ќе им ја води кампањата за парламентарните избори иако таа треба да почне за една недела. Ако ова е точно, се поставува прашањето каква е таа партија што нема изборна стратегија подготвена со месеци однапред.

Имавме средби со повеќе агенции и продукции и од Македонија и од странство, но се уште нема одлука. Секако, кој ја работел кампањата, како е ангажиран и како е платен ќе се види во финансиските извештаи – рече Ковачевски.

Од друга страна, од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски веќе признаа дека тој имал средби со Израелецот и дека тој е ангажира како консултант од страна на СДСМ.

Во однос на лицето за кое прашувате, претседателот Пендаровски и соработниците го имаат сретнато лицето во својство на консултант на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија на средба која ја имаше организирано таа политичка партија која и формално му ја има дадено поддршката за претседателот Пендаровски за претстојните избори, информираа од Кабинетот на претседателот.

Но, по ова претседателот кој се надева на втор мандат, дополнително се заплетка – Асаф Еисин бил кај него, па тој го препратил кај социјалдемократите.  

Асаф Еисин беше во мојот кабинет, како и некои други пи-ар агенции кои нудат програми за кампањи, но јас реков дека таа програма може да ја презентира на оние кои ме поддржуваат и кои ќе ја плаќаат таа кампања утре – рече Пендаровски.

И додека скандалот добива се поголеми размери, а предмет има и во Обвинителството, Антикорупциската комисија уште се мисли дали да постапува.

Опозицијата подолго време предупредува дека Асаф Еисин е ангажиран на црно и прашува дали се плаќа со испумпани пари од државните електрани преку сомнителни тендери, пред се со “Марковски компани”, фирма во сопственост на белорускиот почесен конзул која важи за исклучително блиска до СДСМ.

Ако Израелецот работи на црно и е плаќан со државни провизии под маса, тоа секако нема да се види во финансиските извештаи за кои зборува Димитар Ковачевски.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста