Република Српска донесе закони според кои сама ќе ги организира изборите

Парламентот на Република Српска во петокот рано утрото, со гласовите на владејачкото мнозинство го усвои Изборниот закон за ентитетот, што веднаш беше осудено од меѓународната заедница дека директно го крши Уставот на Босна и Херцеговина и важечкиот изборен закон на државно ниво.

Изборниот закон беше усвоен на иницијатива на челникот на Репулика Српска, Милорад Додик, како одговор на наметнувањето технички промени во изборниот закон на БиХ, што високиот претставник Кристијан Шмит ги побара во март.

Со контроверзниот, сите овластувања за спроведување на изборите и се одземаат на Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина и се префрлаат на ентитетската изборна комисија, а со гласовите на владејачкото мнозинство е донесена и одредба според која мандатите во иднина не би ѝ припаднале на поединецот што ќе ги добие, туку на политичката партија на чија листа се избрани.

На овој начин, велат критичарите, се воведува строга партиска дисциплина, бидејќи пратениците во парламентот повеќе не би можеле да менуваат партии за време на нивниот мандат.

Тешко дека законот би можел да стапи на сила пред спроведувањето на локалните избори планирани за октомври, бидејќи треба да го потврди Советот на народите на Република Српска а многу веројатно е дека Уставниот суд на Босна и Херцеговина на крајот ќе одлучи за тоа.

Опозицијата веднаш предупреди дека ќе биде невозможно да се спроведе законот, а никој нема да го признае легитимитетот на изборите што ќе се организираат според него.

„Кој ќе ни го даде легитимитетот на изборите? Опкружени сме со НАТО, си играме со оган“, рече Огњен Бодирога од опозициската Српска демократска партија (СДС) за време на дебатата во парламентот.

Покрај изборите, донесени се и закони за имунитет кои гарантираат заштита од кривично гонење на сите функционери во Република Српска, како и нов закон за референдум, според кој во иднина ќе се организираат вакви изјаснувања во ентитетот за да тие се валидни без разлика колку гласачи ќе излезат за нив ако половина од нив гласаат за предложените одлуки.

Истовремено изменет е и законот за трудот, кој сега според критичарите имоди во прилог на службениците кои се под странски санкции. Оние кои по правило се под американски санкции, како Додик, сега смеат да ги добиваат платите во готово, а не исклучиво преку сметки кои по правило им ги затвораат банките.

ОБСЕ, која го надгледува спроведувањето на изборите во Босна и Херцеговина, веднаш го осуди усвојувањето на изборниот закон на ниво на Република Српска.

Во заедничката изјава потпишана од Јан Борг, претседавач на ОБСЕ и министер за надворешни работи на Малта и Хелга Марија Шмид, генерален секретар на организацијата, беше посочено дека со тоа се нарушува уставниот поредок на Босна и Херцеговина, како и Дејтонскиот договор и ги поткопува достигнувањата во спроведувањето на клучните реформи и го загрозува неодамнешниот напредок на земјата на нејзиниот европски пат.

„Реториката и дејствијата кои предизвикуваат поделеност ја загрозуваат стабилноста и им штетат на демократските права на граѓаните. Апелираме до Народното собрание на Република Српска да го повлече усвоениот изборен закон и ги повикуваме сите политички лидери во БиХ да работат конструктивно на ниво на државните институции фокусирајќи се на спроведување на неопходните реформи во интерес на сите граѓани“, се вели во соопштението.

Во специјална изјава, Европската унија во четвртокот ги предупреди властите на Република Српска дека со усвојувањето на законот ќе го прекршат уставот на земјата и ќе го доведат во прашање понатамошниот процес на европска интеграција.