МВР: Опожарувањето на билбордот на Таравари е пријавено во 1:15 часот, се работи на расчистување на случајот

Во гаснењето на билбордот кај скопската Зоолошка градина интервенирала екипа на Бригадата за противпожарна заштита

Опожарувањето на билбордот на кандидатот за претседател на државата на коалицијата на опозициските партии на Албанците „Вреди“, Арбен Таравари билo пријавенo во СВР Скопје ноќеска во 1:15 часот по полноќ, велат за „360 степени“ од Министерството за внатрешни работи, додавајќи дека се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

Управната зграда на Министерството за внатрешни работи (МВР) / Фото: Архива

Во гаснењето на билбордот кај скопската Зоолошка градина интервенирала екипа на Бригадата за противпожарна заштита.  

„На 07.04.2024 година во 1:15 часот во СВР Скопје било пријавено дека на крстосница од булевар „Илинден“ со улицата „Рузвелтова“ бил опожарен билброд на еден од кандидатите за претседател на Република Северна Македонија. Од екипа на Бригадата за противпожарна заштита бил изгаснат. Се преземаат мерки за расчистување на настанот“,

се наведува во информацијата од МВР. 

За опожарувањето на билбордот утрово преку писмено соопштението информираа, а воедно и реагираа од коалицијата „Вреди“, барајќи виновниците да бидат казнети.  

Од коалицијата велат дека сакаат да веруваат дека станува збор за несреќа, но билбордот како што додаваат воопшто не бил допрен од другата страна поради што се сомневаат дека е намерно запален. 

„Коалицијата ‘Вреди’ го крева гласот за палење на билборд на кандидатот Арбен Таравари, на полноќ, во Скопје. Виновниците мора да бидат казнети со закон, затоа што ќе бидат тешко казнети и со гласање. Билбордот веднаш ќе биде заменет, но тие ќе изгубат“,

се вели во реакцијата на коалицијата на опозициските партии на Албанците. 

Без конкретно да ја именуваат, оттаму велат дека се знае која партија од власта има насилници и криминалци во своите редови.  

  „Се знае која партија ја користи власта за да се збогати и да го плаши народот. Времето на страв заврши. Оние кои палат билборди од гнев дека ги губат изборите, мора да бидат казнети од законот и правдата, но и од меѓународните набљудувачи. Го повикуваме народот да почека уште неколку недели, изборите се ближат, насилниците си заминуваат!“,

порачаа од коалцијата „Вреди“. 

- Реклама -