Неколку корисници на форумот од порталот MacRumors пријавиле дека имаат проблем со iCloud for Windows синхронизирањето на видеата и сликите.

Според нивните кажувања, одредени видеа, кои без проблем се прикажуваат на било кој уред од Apple, не може да се гледаат на Windows. Истите се оштетени, односно датотеката е корумпирана, па од видеото се гледа само црна слика со линии.

Ова се случува со видеа снимени со најновите модели од iPhone со вклучен HDR и кога се користи HEVC форматот.

Тоа што го привлекува вниманието сепак не е оштетувањето на датотеките на Windows, туку појавата на слики на овие видеа кои не се од корисникот. Според информациите, на оштетените видеа се прикажуваат слики за кои корисниците тврдат дека се туѓи, односно од други iCloud сметки.

Верувањето е дека иако Apple ги шифрира податоците во iCloud, тоа е можно да не се прави за малите слики кои се прикажуваат на самите датотеки, односно „thumbnail“ сликите.

Ова секако не е мал проблем, посебно кога ќе се земе во предвид за која компанија се работи, а колку голем дел од нивниот углед го темелат на основа на грижа за приватноста на корисниците.

Чекаме Apple официјално да излезе со информација што е тоа што се случува со датотеките на корисниците во iCloud.

Инаку, од овој месец корисниците на Windows 11 почнаа да ја добиваат можноста за интеграција на iCloud сликите со новата Photos апликација. Одлична можност за тие кои не користат OneDrive, да веднаш можат да ги видат своите слики на нивниот Windows компјутер, исто како што тоа го прават на нивниот Mac компјутер.

Оваа новина се истакнува како можна причина за проблемот кој се има јавено.

ИЗВОРgHacks
Претходна статијаСе одложува пуштањето на Twitter Blue претплатата до решавање на проблемот со имитација на профилите
Следна статијаИстражувачи ги обвинуваат Apple дека податоците кои ги собира компанијата не се анонимни како што тврдат
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.