Заштитата од диво сечење на шуми не е доволна, а треба и пошумување

Со Николчо Велковски, универзитетски професор од скопскиот Факултет за шумарски науки зборуваме за состојбите во шумскиот фонд во Македонијаза неговата обнова…

Како оди обновата на лани опожарените шумски подрачја?

– Ако пред 30-тина години опожарена површина од 100 хектари се сметаше за голема штета и се бараа одговорности сега и пожари каде горат над 6.000 хектари шуми и други шумски и земјоделски површини се прифаќаат како нормална појава. За среќа, Македонија има добри природни услови за развој на шумска вегетација па одреден дел од шумските површини ќе се обноват по природен пат. Видливи се и напорите на ЈП „Национални шуми“-Скопје околу расчистувањето и подготовката на површините за повторно пошумување. За очекување е дека рехабилитацијата на опожарените површини ќе се случи, но сепак штетата од опожарените шуми е нанадоместлива.

Но и дрвокрадството нанесува удари на шумите…

– И дрвокрадењето има долга традиција. Разликата е во тоа што до пред 30-тина години тоа главно се правеше за задоволување на сопствени потреби, а денес е актуелна и трговија со незаконски сечени дрвја. Во однос на количините на незаконски посечена дрвна маса, како и на оштетените шумски површини, за жал, државата не располага со релевантни податоци. Сметам дека проблемот со дрвокрадење е голем и има тренд на зголемување. На сите ни е јасно дека мерките кои ги преземаат надлежните институции за заштита од дрвокрадење не се доволни. Според мене мора да има силна контрола и одговорност. Редовните годишни пописи на украдена дрвна маса на сите шумски региони може да поттикнат посовесно и подмаќинско работење, како и одговорности. Исто така, имплементација на системот на електронско следење на дрвната маса може да даде добри резултати. Во два наврати имаше обиди да се воспостави, но за жал некому тоа не му одговара. Може да се даваат и забрани за ноќен транспорт на дрвна маса и сл. Но, за поголеми и видливи резултати потребна е поголема ажурност на сите релевантни институции.

Каква е, генерално, состојбата во Македонија со шумските површини?

– Од квантитативен аспект не е лоша. Веќе околу 40 отсто од површината е под шума. Сепак, од квалитативен аспек таа е многу лоша. Македонија заедно со Албанија имаат најлошни квалитативни показатели за структурата на шумите во Европа. Некои од причините лежат и во лошиот однос спрема шумите во минатото, но и денес. Во шумарството денес има многу проблеми, сепак некои од најголемите се: несоодветно справување со шумските пожари, проблеми со бесправна сеча, нефункционален систем на давање услуги и продажба на дрвна маса кој е лесно подлежен на корупција, слаб контролем механизам, немање на одговорност, негрижа за шумите, посебно за младите шуми, слаба мотивираност за работа, нестручност и екстензивност во работењето и сл.

– И во минатото, а и денес пошумување се врши. Има видливи резултати и на терен. Како приоритетни подрачја за пошумување би ги издвоил сите ерозивни и голи терени кои придонесуваат за одредени елементарини непогоди и загрозување на населени места и другата инфраструктура. Исто така, треба да се пошумуваат и делови во оштетени, опожарени или деградирани шуми.

Водно е ерозивно подрачје. Во минатото пред да се пошуми и да се преземат сите неопходни мерки за одгледување на пошумените делови, во Скопје имало доста поплави и ерозивни наноси. Благодарените на стручноста и грижата на постарите генерации кои ја создавале и одгледувале шумата на Водно, ваквите состојби се санирани, па денес имаме шума која покрај заштитната функција исполнува и санитарно-хигиенска и рекреативна функција. Во однос на тоа дали треба да се пошумува уште, мислам дека се уште може да се пошумат некои голи терени но уште позначајно во сегашниот и идниот период е да се води грижа за заштитата и одгледувањето на шумските насади на Водно.

Претходна вестПо летното, на Преспанското езеро сега му се случува и зимското исушување
Следна вестСкопските бадникари засадија 30 млади стебла, прославуваат 30 години постоење