Рашковски ја тужи обвинителката која го гони во случајот „Софтвери“

Драги Рашковски
Фото: МИА/Јован Димоски

Обвинителката која го води предметот „Софтвери“ ја излажа и се уште ја лаже македонската јавност, тврдат обвинетите во случајот, поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски и сопственикот на фирмата „Инвока груп“ од која Владата ги набави спорните софтвери за мерење брзина на возилата Даниел Станчев, кои со соопштение до јавноста, информираа дека против неа и против еден од нејзините стручни соработници поднеле кривична пријава.

– Со цел да предизвика омраза кај јавноста, основната јавна обвинителка која го водеше и се уште го води случајот „Софтвери“ ја излажа и се уште ја лаже целата македонска јавност. Затоа, сакаме да известиме дека е поднесена кривична пријава против истата И.Т. како јавен обвинител и против стручен соработник О.А. во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. При тоа, ова нема да е последната кривична пријава, туку е една меѓу првите. За истото е веќе поднесена и претставка за нејзината работа до Советот на јавни обвинители, Републичкиот јавен обвинител и до шефот на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. За сето ова ќе биде известена во детали и целата меѓународна заедница. Со цел јавноста да биде објективно известена, го ставаме на располагање еден од документите кои јавната обвинителка го има сокриено како од судиите кои одлучувале во сите досегашни фази, така и од јавноста – се вели во соопштението од Рашковски и Станчев.

Во соопштението се објаснува дека кривичната пријава е поднесена затоа што првопријавената како основен јавен обвинител во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и коруппција на ден 20.05.2021 година доставила барање за доставување на документација до Генерален секретаријат на Република Северна Македонија под број КО 36/21.

– На истото барање од страна на Генералниот секретаријат и е одговорено со допис број 45-5165/11 во кој од страна на Генералниот секретаријат е наведено дека: Ве известуваме дека примопредавање е извршено на целокупната опрема која е наведена и во двата предметни договори; Исто така, примопредавање е извршено и на двата споменати софтвери и истите се инсталирани на компјутери кои се во сопственост на Владата на Република Северна Македонија; Дополнително, исто така со цел да се утврди дали постои предметната опрема на 26.05 и 25.05.2021 година извршен е попис за кој е составен извештај број 11-5772/3 од 01.06.2021 година при што е утврдено дека истата постои и е согласно предметните договори; Во прилог се наведени Записници од технички прием и предавање на опрема од наведените софтверски решенија и опрема – се наведува, меѓу другото, во соопштението.

Првопријавената, според посоченото, потпомогната од второпријавениот како стручен соработник при вршење на увид од страна на оштетените на 30.06.2021 година не им го дале овој допис, иако согласно Законот за кривична постапка, особено член 70 е должна да ја стави на располагање целокупната прибрана документација.

– Исто така, што е најбитно, знаејќи дека со ваквиот допис во целост се побива обвинението против двајцата оштетени, првопријавената овој допис го скрила и не го приложувала ниту кон списите на предметот кога се вршело продолжување на мерките притвор против оштетените, како и не го поднела во листата на докази при поднесување на обвинителниот акт, свесна дека со овој допис во целост поднесениот обвинителен акт е беспредметен. Со ваквите дејствија првопријавената, помогната од второпријавениот ја довеле во заблуда целата јавност, при што во своите јавни настапи тврдела дека предметните јавни набавки не се испочитувани, иако до неа била доставена целосна документација – тврдат двајцата обвинети.

Обвинителката и соработникот, според соопштението, со цел да предизвикаат омраза од јавноста кон двајцата оштетени, овој доказ не го приложиле ниту при поднесување на обвинителниот акт, ниту во листата на докази кои се доставени до судечкиот совет.

– Со цел да се предизвика погрешна перцепција кај јавноста дека оштетените постапувале спротивно на закон, како и да ги доведе во заблуда судиите кои одлучувале да донесат решенија кои не соодветствуваат на фактичката состојба, првопријавената, помогната од второпријавениот како стручен соработник кој целосно бил вклучен во предистражната и истражната постапка за предметот кој се води против оштетените, го скриле или прикриле ваквиот доказ доставен од страна на Генералниот секретаријат, од судијата кој одлучувал за прифаќање на обвинителниот акт, свесни дека со приложување на таквиот документ обвинителниот акт би бил беспредметен и немало да биде одобрен – додаваат обвинетите.

Во прилог на наводите од соопштението, Рашковски и Станчев го доставија и спорниот документ.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот