Костов го врати Пелистер во Прва лига, Битола го слави враќањето во елитата!

ФОТО: Телевизија М Нет

Екипата на Пелистер по две сезони поминати во Втората македонска фудбалска лига, се враќа во фудбалската елита, а битолчани по две години одново ќе гледаат прволигашки фудбал.

Зад Пелистер е повеќе од успешна сезона, еден од најфудбалските градови во Македонија, одново ќе има прволигашки фудбал, што беше стартна цел на Пелистер за оваа сезона, а тоа беше остварено.

Штипскиот стратег Влатко Костов зад себе има уште една успешна сезона, откако во минатото екипите на Осогово, Куманово, Брегалница и Турново ги внесе од Втора во Прва лига, истот го направи и со битолската фудбалска гордост.

„ФК Пелистер го вративме таму каде што припаѓа – во ПМФЛ, а на Битола ѝ го вративме она што ѝ недостигаше – прволигашки фудбал. А јас? Јас, од ова раководство на клубот, ја добив шансата да го водам овој прекрасен колектив, при што, по внесувањето на ФК Осогово, ФК Куманово, ФК Брегалница и ФК Турново од ВМФЛ во ПМФЛ низ текот на годините, сега, по петти пат во мојата тренерска кариера, истото успеавме да го направивме и со битолската гордост. Огромна благодарност до мојот играчки кадар за пожртвуваноста и мојот стручен штаб за посветеноста да стигнеме до заедничката цел – пласман во ПМФЛ. Битолчани, управа на ФК Пелистер, навивачка група „Чкембари“ и сите останати што нè поддржувате – Ви благодариме“, рече Костов.

Покрај Пелистер во Првата лига место обезбеди и шампионот во Втората лига, екипата на Беса, која за првпат ќе игра во фудбалската елита на Македонија.

Александар Ванев, М-Нет