Лукаревска: Потфрливме во кадровските политики, ќе тропнеме на секоја врата

од Nikola Popovski

Очекувам дека кај граѓаните ќе надвладее разумот, а не инаетот. Изборите не се за нашите интереси и функции туку за доброто на државата, порача синоќа потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, говорејќи за исходот од првиот круг на претседателските избори.

Таа во гостување на две дебатни емисии истакна дека завчерашните бројки се показател и аларм за презентација на натамошните мерки и програмски определби до следниот круг и парламентарните избори.

-Ќе тропнеме на секоја врата и да поразговараме повторно со граѓаните како и до сега да ги слушнеме критиките, за да видиме што го предизвика нивниот револт. Можеби 8 Мај ќе даде можеби поинаков распоред на силите. Ако сакаме да се стремиме кон правда и правичност европските вредности тоа ќе ни го овозможат. Потфрливме во кадровските политики. Не смееме да дозволиме Претседател на државата да се избира во Собрание. На 8 Мај ќе ги видиме изборните комбинаторики, секоја опција што ги дели нашите определни е добредојдена, истакна Лукаревска во „Само вистина“.

Ваквиот резултат на СДСМ и коалицијата, додава вториот човек во владеачката партија, е силен аларм за нив, но горди сме на тоа дека продолжуваме по патот на ЕУ и нема да се откажеме од целиот тој процес.

-Веќе имаме потфрлања, разочарувања и тоа е доблесно да се признае и тоа не е никакво оправдување. Тоа создава уште поголема одговорност во следните две недели да дадеме се од себе за да оствариме што подобар резултат и на следните избори, додаде Лукаревска во „Отворено“ на ТВ24.

Слични содржини