Дерби за збогум од ПМФЛ на Македонија ЃП и Брегалница, Вардар гостува во Кратово, најава на финалето во Кавадарци

Овој викенд ќе се одиграат натпреварите од претпоследното 32. коло од Првата македонска фудбалка лига, а оваа рунда ни носи одново мега-дерби за првото место и титулата, овој пат во Тетово меѓу Шкендија и Струга Трим Лум.

Како што најавувавме последните три кола се клучни за титулата, минатото коло видовме интересни и неизвесни натпревари, а веќе во недела одново дерби на конкурентите за титулата, Шкендија против Струга, три бодови за титула и но за Европа.

Шкендија е на врвот од табелата во победнички ритам со 61 бод, колку што има и Струга која е втора.

Дерби за збогум од Првата лига ќе играат веќе отпаднатите Македонија ЃП и Брегалница, ова ќе биде дерби за тоа кој да биде последен, а кој претпоследен на табелата. „Лавовите“ од Ѓорче и „сините“ од Штип, минатото коло и официјално испаднаа од фудбалската елита на Македонија.

Гостивар на домашен терен ќе се соочи со Работнички во меч каде трите бодови им се важни на двете екипи за прогрес на табелата.

Шкупи нема право на грешка против Брера Струмица, но ниту струмичани немаат право на грешка на Чаир. Ова ќе биде многу важен натпревар и за двете екипи. Шкупи мора да триумфира и да се надева на кикс на дербито во Тетово, а Брера сака три бодови, со цел да не игра бараж за опстанок, бидејќи има само три бода повеќе од Вардар.

Токму Вардар овој викенд ќе гостува во Кратово каде ќе се соочи со Силекс, кој со двата порази од четвртото место се спушти на шестото место, но со само бод разлика. Домашниот тим предводен од Александар Васоски ќе сака три бодови со цел да им се врати на победите и да направи прогрес на табелата односно да се врати на 4. место, а Вардар со три бодови може да се израмни со Брера, ако струмичани загубат на Чаир.

Во Кавадарци ќе гледаме најава на големото финалето од Купот на Македонија, финалистите Тиквеш и Воска Спорт ќе се соочат на Градскиот стадион во Кавадарци. Две екипи кои се во победнички ритам, ќе ги одмерат силите и со тоа ќе направат најава за големото финале од Купот на Македонија, каде одново ќе се сретнат во меч од капитална важност, во финале, во борба за виза за Европа.

Сите натпревари ќе започнат во 17 часот.

Александар Ванев, М-Нет