На Фејсбук страницата на УКИМ вчера во живо се пренесуваше играта „League of Legends“

Преку Фејсбук страницата на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје вчера во живо се пренесуваше играта „League of Legends“. „Здраво на сите“, на англиски јазик е пораката која беше придружена со преносот, кој траеше три часа и четири минути.

Преносот има 120 реакции, споделен е 10 пати, а има и 9 коментари. Еден од коментарите е и од новосоздаден профил наречен „Уким Скопје“.

„Страницата на Универзитетот ‘Св. Кирил и Методиј’ во Скопје во моментот е недостапна за ФБ администраторот на УКИМ. Универзитетот ‘Св. Кирил и Методиј’ во Скопје се оградува од сите содржини објавени на ФБ страницата на УКИМ од 01.07.2022“, пишува во коментарот на „Уким Скопје“.

Радио МОФ повеќепати се обиде телефонски да го контактира Универзитетот за коментар околу случката, но безуспешно.

Преносот е и последната содржина која е објавена на Фејсбук страницата. Претпоследната содржина пак, е објавена на 3 јуни и се однесува на интернационален стартап натпревар.

Мартин Колоски