Вести Избори 2024 Македонија Топ вести

ВМРО ДПМНЕ повикува на обединување на опозицијата

Воздржаност и внимателност по повиците на ВМРО-ДПМНЕ за национално обединување. Поради толкувањата дека ова е одговор на уцените од партиите на Албанците, исцртување на можната владина коалиција, обид да им се одземат гласови на другите опозициски партии или нешто сосема друго, дообјаснување е неопходно.

-Што значи тоа национално единство? Дали ги опфаќа сите националности во Македонија или е национално единство на Македонците? Доколку одиме на првата варијанта, очигледно нема партија од албанскиот политички блок, а за вторава недостасува СДСМ за да се формира широко национално единство на Македонците ако веќе терате по тој курс и по тој пат. Ако веќе ја фрлате ракавицата, фрлете ја до крај, а не со партии со кои во моментот можеби е опортуно да пробате да коалицирате, изјави политикологот Иво Рангеловиќ во „Топ тема“.

Во двата изминати дена од кампањата за парламентарните избори, Христијан Мицкоски ја повторува понудата за национално обединување, за сега ограничувајќи ја на Левица и на ЗНАМ.

-Јас доколку не повикам на национално обединување би го погазил супстратот и идеологијата на мојата партија, затоа што ВМРО е и Демократска партија за македонско национално единство. Пред сликата на руините и хаосот кој го прави оваа власт, ви велам дека секоја наша разлика со било која опозициска партија, било тоа да е Левица или ЗНАМ е помала од големата и заедничка работа пред нас, а тоа Македонија и нашата борба да кажеме дека има надеж и дека има иднина, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на митингот во Крива Паланка.

Ден пред тоа, Мицкоски прогласи мораториум во напаѓањето на Левица и ЗНАМ. Повика на национално единство против ДУИ и неколкумина политичари од СДСМ, кои ги смета за корумпирани.

Според СДСМ, „единствен мораториум во главата на Мицкоски е мораториумот за интеграција на државата во Европската унија“. Лидерот Ковачевски се сомнева дека опозиционерот има намера да го одложува членството во ЕУ, па дури и за секогаш да ја спушти рампата за евроинтеграции.

-Наместо национално единство за мораториум, на Македонија и е потребно национално единство за интеграција во ЕУ и јуриш кон европската идеја. Тоа е вистинскиот пат за промени и токму тоа е одлуката што вие треба да ја донесете на овие избори. Едната опција се Мицкоски, Силјановска и ВМРО-ДПМНЕ со мораториум за ЕУ, а другата опција се СДСМ и Стево Пендаровски кои нема да се откажат од нашата европска иднина, рече претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски на митингот во Охрид.

Зборовите на Мицкоски, за ДУИ се јавно барање Македонија без Албанци. Го повикуваат опозицискиот блок на Албанците да не станува алатка за руската агенда.

-Вокабуларот на Мицкоски не е само против договорите од Преспа и со Бугарија, туку и против Охридскиот, барајќи враќање на државата пред 23 години. ДУИ и Европскиот фронт изразуваат длабока загриженост за националистичкиот речник кој поттикнува меѓуетничка и антиевропска омраза. Ја повикуваме опозицијата на Албанците да се вразуми и да не стане алатка на руската агенда што ја прокламира ВМРО-ДПМНЕ и нивните гласноговорници, се вели во соопштението од ДУИ.

Повиканите на единство, ЗНАМ и Левица, различно реагираа.

Максим Димитриевски изјави дека „национално единство е можно“. Му импонира што ВМРО ДПМНЕ го копира ЗНАМ. Уверен е дека нема да се состави Влада без неговата партија, но нема намера да преговара со никого додека не се понуди „една национална платформа“.

Димитар Апасиев е недоверлив. Потсети на војните од античкиот период и на Тројанскиот коњ. „Не им верувај на ДПМНЕ-јците, дури и кога ти носат подароци. Термометарот на жестокоста во критиката не смее да се спушти ниту за степен“, порача претседателот на Левица преку социјалните мрежи.

Парламентарните избори се распишани за 8- мај, а им претходи 20 дневна кампања која почна завчера.

Соња Николовска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ЗНАМ со повик до гласачите – гласајте масовно и изберете претседател по сопствено убедување

Дејан Дејан

Македонија на 36 место според слободата на медиумите

Дејан Дејан

Чуварите во прилепскиот затвор масовно „се разболеа“

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе