ДИК: Во Избирачкиот список ќе бидат запишани сите граѓани со наполнети 18 години заклучно со денот на изборите

Државната изборна комисија (ДИК) денеска извести дека согласно последните измени во Изборниот законик, во Избирачкиот список ќе бидат запишани сите граѓани со наполнети 18 години заклучно со денот на изборите, кои имаат живеалиште на територијата на државава.

Илустративна фотографија: Избори во РСМ

Ова произлегува од измените во ИЗ кои пред една недела беа изгласани во парламентот, а овозможуваат на претстојните претседателски и парламентарни избори да гласаат и граѓаните кои наполниле 18 години заклучно со денот на изборите, односно помеѓу двата изборни круга.

Дополнително, од ДИК известија дека согласно преодните измени во ИЗ, кои ќе важат само за годинашните избори, гласање ќе биде можно и со лични документи чија важност е истечена до девет месеци до денот на одржување на изборите. На претседателските избори на 24 април ќе може да се гласа со документи чија важност истекла најдоцна до 24 јули, а на парламентарните избори на 8 мај со документи важечки до 8 август 2023 година.

„Овие податоци за граѓаните се доставуваат до ДИК од страна на МВР. Ова известување ќе биде составен дел на Упатството на Државната изборна комисија за начинот на утврдување на идентитетот на гласачите, според кое ДИК ќе ја врши и законската задолжителна обука на сите избирачки одбори“,информираат од Државната изборна комисија.

Меѓу другото, од ДИК известија дека до денеска до нив пристигнале 1 300 електронски пријави за регистрација на гласачи од дијаспората за изборите. Од вкупниот број пријавени, досега се прифатени 917 барања, одбиени се 138, а во процес на обработка се 245 пријави. Рокот за регистрација на гласачи од дијаспората е до 18 март.

До 18 март трае и увидот во Избирачкиот список.

 

Back to top button
Close