– Многу го сакам овој град и многу сум поврзана со него. Токму поради тоа, многу ми значи што првиот концерт, по долго време во Македонија, се случи токму во Велес, во Народниот театар, каде што имаше многу силни чувства и емоции. И навистина сум многу благодарна што можев да го доживеам сето ова – рече македонската поп-дива Калиопи

Македонската поп-дива Калиопи Букле викендов одржа спектакуларен концерт на големата сцена на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес, на покана од својот поранешен сопруг, актерот Васил Зафирчев, кој е уметнички директор на Велешкиот театар. Претходниот концерт во Македонија Калиопи го одржа пред седум години, во Битола.

На концертот во Велес, Калиопи настапи со песни од сите свои албуми: „На пат за Македонија“, „Обои ме“, „Црно и бело“, „Не плачи“, „Најмила“, „Дали ме сакаш“. Таа го заврши концертот со една од најпознатите свои песни – „Бато“.

На концертот испеа и своја преработка на познатата песна „Македонско девојче“, а за првпат ја изведе и песната „Тешко ми е, тешко“. За сите изведби на нумерите, кои беа со многу емоции, доби силни аплаузи и овации во преполната сала.

На концертот, освен од Велес, имаше публика и од Скопје, Битола, Куманово, Охрид, Кичево, Крушево, како и гости од Србија, Бугарија, Албанија, Хрватска, Шведска, Англија, Австралија и од други земји.

По настапот, Калиопи посочи дека многу фанови, присутни во публиката, ѝ потврдиле дека не доживеале вакви емоции како на овој концерт.

– Овој концерт ме разбуди од мојата заспаност дома, бидејќи домот, за мене, секогаш е место каде што одморам по големи концерти и патешествија надвор од Македонија – истакна Калиопи.

Таа посочи дека е благодарна и среќна што го реализирала концертот.

– Можеби, ова е почеток на нешто ново што веќе се случува, но на еден поинаков начин, со еден поинаков жар, поинаков репертоар, поинаков концерт со мојот бенд, кој ме следи секаде каде што настапувам. Возбудата е најголема кога се свири пред домашната публика – истакна Калиопи.

Македонската поп-дива додаде дека на концертот имала фанови и од соседните земји.

– Фасцинантно е што ме чекаа по концертот и дојдоа да ме поздрават. При тоа ми кажаа дека биле на многу концерти надвор од Македонија, но вакви атмосфера и емоции како овде вечерва немало – додаде Калиопи.

Таа потсети дека, за жал, пандемијата на сите ни одзеде драгоцени две години во кои не можевме ништо да направиме, бидејќи бевме одвоени од музиката, од други нешта во животот, од слободата на движење, а и од начинот на кој ги правевме работите претходно.

За Велес рече дека секогаш ќе ѝ биде во срцето.

– Многу го сакам овој град и многу сум поврзана со него. Токму поради тоа, многу ми значи што првиот концерт, по долго време во Македонија, се случи токму во Велес, во Народниот театар, каде што имаше многу силни чувства и емоции. И навистина сум многу благодарна што можев да го доживеам сето ова – рече Калиопи.

Таа моментално работи на нови песни со Ромео Грил, кои публиката наскоро ќе има можност да ги слушне.