Ме бива во готвење, ама дома не ми даваат шанса

Познатиот македонски актер Благоја Чоревски одговара на 10 прашања надвор од театарските и филмските улоги...

1. Три најсреќни моменти во животот?

-Кога го засновував семејството, кога се раѓаа децата, кога завршив факултет, кога уште како мал разбрав дека можам да бидам актер и кога ме примија во Драмски театар.

2. Три работи кои се каете што сте ги направиле?

Немам направено така тешки работи поради кои би се каел.

3. Тројцата Македонци од сегашноста со кои се гордеете?

-Се гордеам со родителите, со семејството, децата и пријателите. И со сите што се нормални луѓе кои не патуваат надвор од реалноста.

4. Три работи кои Ве радуваат и три што Ве нервираат?

-Ме радува среќата, како моја, така и на моите блиски, среќата на општеството, на поединецот. Ме нервира неточноста, некултурата, нечистотијата…, не се само три работи.

5. Три предмети што најмногу Ве намачија како ученик?

-Прво математиката, после природните науки. Тогаш сфаќаш дека си повеќе за уметноста. Математиката не ме влечеше, а од природата се воодушевував но не сраснував со неа.

6. Три работи во кои сте добар, и три во кои не Ве бива?

-Добар сум во комуникација со други луѓе, во стремежот да научам повеќе, а добар сум и во готвењето, за риба посебно ама дома не ми даваат шанса.

Не ме бива за пазарење, и во одбирањето. Зошто, на пример, да не купам нешто од некоја стара бабичка па иако не е квалитетно. А не ме бива и за поголеми поправки.

7. Три места во Македонија што радо би ги посетиле?

-Секогаш ја сакам Битола во која сум израснал. Сакам и Охрид да видам, ме плени како стар град и наш Ерусалем. Го сакам и Велес, градот во кој сум роден.

8. Три најдобри книги, филмови и песни?

-Книги: „Како да станеш актер, теорија на актерство“ од Станиславски, потоа, „Крал Лир“ и „Магбет“ кои сум сакал да ги читам, но не и да ги играм, а ја сакам и поезијата на Гане Тодоровски и на Анте Поповски.

Филмови: „Волчја ноќ“, меѓу првите наши филмови и за време на чие снимање татко ми почина. Потоа, „ Покој, рци, јад“ од  Ценески, како и „Пред дождот“ на Манчевски.

Песни: Не слушам само турбо – фолк. Сите народни песни длабоко ме погаѓаат во душата: „За многу години Македонци“, „Јано мори“, „Со маки сум се родил јас“…

9. Три омилени јадења?

-Ме викаат „шарпланинец“ оти нема што не јадам. Ги сакам сите јадења, а посебно турли тава, срама, тавче гравче и тоа белото, посно, со нане…

10. Три совети кои ги давате на другите?

-Не сум баш човек кој сака да дели совети. На секој млад човек му велам да работи, да се образува, да знае до кај може да оди, да не влегува во води во кои не знае да плива.

Претходна вестВажно е што партиите ќе ветат, но поважно е дали претходните ветувања ги исполниле
Следна вестСекој петти моторџија вози дивјачки, Скопје е најнебезбеден град