ВОЈО МАНЕВСКИ
Половина од кампањата за претседателските избори помина. Ништо поразлична од сите други досега, иако сметам дека на мнозинството на граѓани им пречи нивото на лична дискредитација меѓу кандидатите. На членовите на партиите тоа секако не им пречи зошто навивачкиот менталитет бара гладијаторски борби. Овде се исцртува и поделбата во општеството на членови на партии и граѓаните кои се надеваат дека нешто ќе се промени после изборите. Парадоксот е дека клиентилизмот за да ги оствари своите цели мора да бара поддршка од граѓаните кои досега покажуваат неопределeност или дури резигнираност од состојбите и политичката понуда. Да го илустрирам ова со бројки. Вториот круг на претседателските избори зависи од излезноста. Без нив изборите можат и да пропаднат. Сите членови на партиите да се соберат нема да го достигнат цензусот кој изнесува над седумстотини илјади гласачи. За парламентарните избори нема цензус на излезност и затоа партиите пред сѐ пораките во кампањата ги упатуваат само до членовите и поддржувачите. Но, измешаните кампањи доведуваат до интересни процеси.
Она што внимателните аналитичари го согледуваат од досегашниот тек на кампањата е дека преовладува атмосферата на обвинување и оправдување од главните носители на кампањата. На обвинувањата од противникот се одговара со обвинување и тоа се смета за оправдување за сопствените постапки. На понудата засега не се обраќа големо внимание.
ВМРО-ДПМНЕ е во постојана кампања скоро сите овие години во опозиција. Таквата кампања е со цел да се држи членството во кондиција за изборите. Овде тајмингот на постапките е од исклучителна важност затоа што дури и кај членовите доаѓа до замор, а за неопределените граѓани и да не зборуваме. Како поминува времето од врвот на влијанието врз изборните процеси така и реториката кон конкурентите ќе се заострува. Тоа доведува до заклучокот дека климаксот на процесот помина пред самиот почеток на официјалната кампања. Се чувствува тоа после објавувањето на листите за пратеници. Обврската на лидерот кон пратениците кои останаа верни на партијата за време на разните притисоци за изгласување на уставните измени е истовремено и чесност, но и тег во нозете при одлуките. За четири години нараснаа нови амбиции, се етаблираа нови личности кои сметаат дека има и нивна заслуга за држењето на членството во акционо единство. Не помага многу ветувањето дека по победата некои од кандидатите од листата ќе бидат дел од извршната власт и во парламентот ќе влезат оние што сега се на недобитни места на листата. Ова важи и за другите партии зошто легитимна е дилемата. Зошто се на листата лицата кои треба да ги операционализираат програмските понуди до граѓаните во извршната власт? Стекнувањето на статус на пратеник овде личи на сигурносна позиција во случај да не се дојде до извршна власт или да се испадне од кадровските комбинаторики за неа по изборите. Зошто да станат пратеници членови на партијата, ако сега во нив се нема доверба дека тоа можат успешно да го прават во Парламентот, па се ставени на резервна позиција на листата на кандидати?
Сите овие прашања ќе бидат горе доле одговорени по изборите, но тогаш одговорите нема да имаат значење за оние што отпаднале од вртелешката.
Што е карактеристично за досегашната кампања. Меѓусебното влијание на партиските членови од разни партии е како во системот на сврзани епрувети. Летаргичноста на членовите на СДСМ ја лечи агресивноста на членовте на ВМРО. Постојаното тврдење дека работата е завршена и разликата е огромна ги мобилизира членовите и симпатизерите на СДСМ. Неукото однесување на обичните членови кои уште сега своите фрустрации ги искажуваат со закани во стилот на – ќе видите после 8-ми мај има да лежите во затвори е контрапродуктвно за резултатите на изборите за ВМРО. Не се потребни научни опсервации за да се разбере реакцијата на оние што се нападнати. Ако некој својата општествена положба ја долгува на СДСМ и очекува непријатни последици после изборите, што треба да се очекува од него? Тоа што сега се случува. Се мобилизираат сите членови и симпатизери во одбрана. Колкав ќе биде тој број? Бидејќи реториката е подигната на ниво каде се употребуваат зборови како предавници, криминалци или некадарници и нема селекција, туку сите членови на СДСМ се честат со вакви епитети, сосема е очекувано бројките да бидат близу до оние од локалните избори за советничките листи.
Зошто во насловот стои дека процесите не ги потврдуваат кампањите. ВМРО стави сѐ во овој дел од кампањата на успехот на професорката Силјановска. Според анализите разликата мора да биде поголема од 50.000 гласа во првиот круг затоа што помалиот број ќе има негативно влијание врз парламентарните избори. Избраниот интензитет на кампањата за оваа цел е опасност за целиот процес на избори во корист на ВМРО-ДПМНЕ. Сега се оди од куќа до куќа со промотивни материјали за кандидатот за претседател, се одржуваат митинзи, средби со граѓаните. Сѐ што вообичаено се прави во кампања за парламентарни избори. Главен носител на пораките е претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Професорката во овој дел на кампањата е во втор план. Со тоа се актуелизираат прашањата поврзани со авторитеноста на професорката кај членовите на партијата колку и да се смета на нивната лојалност и клиентилистички очекувања. Што ќе понуди истата екипа од изборниот штаб во кампањата која штотуку започнува, а нејзината цел е поголем број на пратеници? Несмасното плашење на противникот и ненаклонетата јавност со изјавите за над 60 пратеници или двојна разлика во Парламентот, повторно има за последица мобилизираност на СДСМ. За постојаното анатемизирање на ДУИ одговорот е јасен. Како да се сака да се обезбеди поголема поддршка за ДУИ во неговиот електорат. Ако се погледне реториката се исцртува целта. Ако ДУИ има над 16 пратеника тогаш ќе се има оправдување и за идна соработка и за идна не соработка. Првото е преставување како државничка одговорност пред граѓаните и неумоливоста на изборните резултати, а второто оправдување е пред своите членови дека се останува на своите принципи, со ДУИ нема коалиција и покрај нивните успеси во изборите. Врти сучи, сѐ се сведува на опцијата оправдување пред членовите и јавноста.
СДСМ досега кампањата ја користи за стегање на своите редови и враќање на разочараните поддржувачи. Пикот на својата партиска кампања го темпираат за после првиот круг на претседателските избори. И овде разликата ќе има големо влијание врз мотивацијата и на членовите и на поддржувачите. Засега Пендаровски ја води својата кампања, а процесот на раст на неговите шанси се зголемува. Тој тренд го забележуваат и аналитичарите од спротивниот штаб и затоа реториката сѐ повеќе е лична, а не програмска. Неговото искуство како претседател и повеќе од дваесет години дел од политичките процеси се покажува како предност пред академската реторика на проф. Силјановска. Во овие десеттина преостанати денови од кампањата за првиот круг за очекување е дека сѐ повеќе ќе се работи на негова лична дискредитација, што кај умерените гласачи може да му донесе не мал број гласови.
За другите кандидати за претседател и нема некои изненадувања зошто сите се со мислите и целите во парламентарните избори и оваа кампања е само постигнување на подобри стартни позиции. Според моето мислење популарноста на Левица е во стагнација поради кандидатката за претседател проф. Ванковска која своите поддржувачи ги определи на крајната десница. Сепак Левица како партија има малку поширок спектар на поддржувачи. Младите кои Левица ја перципираат како некаква алтернатива на естаблишментот сепак се со двете очи загледани во Европа и Америка. Растурањето на односите со овие земји е загрозување на нивните перспективи. Нема во нивното друштво некој кој сонува да отиде на работа или да живее во Русија или БРИКС.
Некаква новина е и кампањата на Бујар Османи кој за прв пат поддршка побара и во третата и во четвртата изборна единица, но и тоа е со цел да се зголемат можностите за мобилизација на гласови за парламентарните избори. Да потсетиме дека носител на листата е Сулејман Баки кој има влијание во турското население во овие изборни единици, но и кај ромската популација преку невладината организација во која досега делуваше. Секако и верската припадност има улога во привлекувањето на гласачите. Реално е да очекуваат еден пратеник ако се има предвид бројот на албанското, турското и ромското население во третата изборна единица.
Ете на почетокот на вториот дел од кампањата за избор на претседател и за избор на пратеници вака ги согледувам работите. Немам друга порака освен дека треба да се размисли, да се следат ставовите на партиите по главните политички прашања и да се излезе на избирачките места. Да се направи избор, но и да се носи одговорност за изборот. Како во онаа народната: Засвири, па за појас задени ја шупелката, сите да видат кој свирел!