„Дуваат ли нови ветришта“ во Софија со изборот на политичката Влада? „За Македонија е добра вест што на власт што доаѓаат политичари кои ги делат евроатлантските вредности“

од Nikola Popovski

Бугарскиот парламент вчера ја изгласа новата влада на чело со научникот Николај Денков. За владата на премиерот Денков во 240-члениот парламент гласаа 131 пратеник. На овој начин заврши двегодишната политичка блокада, а новата влада треба да спроведе реформи кои нашиот источен сосед би го одвеле во евро и шенген зоната. Неговата политичка коалиција, предводена од партијата „Продолжуваме со промените“, која на изборите во април го освои второто место, ќе ја предводи владата во наредните девет месеци. Потоа премиерската функција ја презема поранешната еврокомесарка Марија Габриел, членка на партијата ГЕРБ, според коалицискиот договор што го потпишаа ГЕРБ на Бојко Борисов и „Продолжуваме со промените“ на Кирил Петков.

Ваквиот развој на настаните предизвикува реакции и во македонската јавност, со оглед на односите на релација Скопје-Софија. Се поставува прашањето како ќе се постави новата бугарска влада во однос на нашата земја и нашиот пат кон членство во европското семејство. Бугарскиот политиколог и докторант по политички науки на Софискиот универзитет „Свети Климент Охридски“, Милен Желев во разговор за „Локално“ вели за македонското општество треба да биде добра вест што на власт ќе бидат политички формации кои ги делат евроатлантските вредности.

Милен Желев

-Од друга страна, пак, добро е еднаш засекогаш да се разоткрие митот дека внатрешната политичка клима на Бугарија ја одредува нејзината политика кон евроинтеграциите на РСМ. И во бугарското општество и во бугарскиот парламент преовладува мислењето дека Скопје не го почитува Договорот за пријателство, добрососедство и соработка. Тоа нема никаква врска со актуелната политичка ситуација кај нас и со тоа кој е на власт, нагласува Желев.

Оценува дека владиниот кабинет Денков-Габриел почива на кревкиот џентлменски договор за ротирачки премиер, кој, како што вели, би можел да пропадне во секој момент со локалните избори кои доаѓаат наесен.

-Академик Денков е поранешен министер за образование кај нас и научник од светски ранг, а Марија Габриел е личност со долгогодишно искуство во институциите на Европската Унија и органите на Европската народна партија. И двајцата се експерти и личности од консензус кои со должна сериозност би пристапиле на прашањето за билатералните односи со РСМ, порачува соговорникот.

Желев смета дека Работната група за уставни измени во земјава е навистина добар знак за односот меѓу двете земји.

-Без разлика на контрадикторностите, мислам дека вашата земја има многу храбри политичари на кои воопшто не им е лесно да ги туркаат уставните измени кои се непопуларни во општеството. Спомнувањето на Бугарите во Уставот на РСМ е неопходно од едноставна причина што над 120.000 македонски граѓани имаат бугарски пасош. Тоа нема да повреди никого, вели политикологот.

Сепак е скептичен дека промената на македонскиот Устав ќе биде доволна за трајно затоплување на односите меѓу двете земји, но секако вели дека тоа заслужува воодушевување.

-Т.н француски предлог вклучува вистинска гаранција за правата на Бугарите во РСМ, а не фиктивна. Скопје веќе на хартија призна дека цар Самуил го смета „поголемиот дел од модерната историска наука“ за владетел на бугарското царство, но во пракса речиси никој не се осмелува да го каже гласно и соодветно не влегува во официјалната историографија на РСМ. Последно, но не и најмалку важно, репресијата на УДБА останува табу тема во вашето општество, а архивите со непроценливи историски информации сè уште не се откриени. Сето ова не остана незабележано од Софија, заклучува Желев.

Н.П.

Слични содржини