Ако се смета само бројот на гласови, победници на овие избори се ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ односно Европскиот фронт, вели аналитичарот Жидас Даскаловски. Но, како што додава, тој очигледно е дека коалицијата ВРЕДИ слави еден вид на победа бидејќи е замислен партнер на победничката партија на изборите ВМРО-ДПМНЕ. Поради тоа, според Даскаловски, веројатноста е голема дека тие ќе излезат како победници, бидејќи ќе влезат во составот на новата Влада.
„И двете партии имаат некое право да кажат дека се победници, иако на крајот на денот, она што е битно во политиката е кој успева рационално со аргументи да дојде до она што е посакувано, а тоа е управувањето на државата. Во таа насока веројатноста е голема ВЛЕН да бидат тие што од албанскиот политички корпус, ако може така да кажеме, ќе бидат дел од владата и ќе бидат на некој начин победници“, порача Жидас Даскаловски.
Но, како ќе се формира новиот владин состав ако уставните измени остануваат услов поставен од албанските политички партии, и Европскиот фронт, но и ВРЕДИ, кои имале меѓусебен договор по ова прашање уште пред изборите. Според Љупчо Зиков, ваков договор никаде не е заведен на нотар, па да е правно обврзувачки.
„Политичката коњуктура после овие избори покажува дека ВМРО-ДПМНЕ победи дебело на овие избори, значи со 58, или колку…Ако изборите се фер и демократски, бидејќи тоа се мери во политичкиот простор, а се очигледно, тогаш легитимното право на ВМРО-ДПМНЕ е да го избере својот коалиционен партнер. Мислам дека ние треба да градиме таква култура, политичка дебата и на крајот политичка пракса“, вели Љупчо Зиков.
Но, според Кржаловски, едно е предизборната реторика, а на друг начин се разговара по изборите, кога ќе бидат познати бројките.
„Ако се држат двете партии до тоа, веројатно нема да дојде до договор и веројатно нема да има коалиција.Но, јас би го цитирал од вчера Али Ахмети, кој во обраќањто, кога го прашаа за следна моќна коалиција, упати порака дека е време да се заборави предизборниот фолклор. Јас неколку пати коментирав во предизборието дека едни се муабетите пред 8-мај, многу други ќе бидат на 9-ти мај, кога ќе се видат бројките“, порача Александар Кржаловски.
Професорот Биљали не верува дека ВМРО-ДМНЕ и новата влада, кој и да биде во неа, ќе ги спроведе уставните измени.
„Ако се гледа денот по утрото, многу е јасно дека, и со златни букви да се понуди нов договор, се нема цел, да се потпише тој и да се реализира, тоа е јасно како ден“, вели Мерсел Биљали.
Дел од учесниците во дебатниот магазин Клик Плус, се скептични околу уставните измени, и велат дека е можно доколку тие не се реализираат во период од шест месеци откако ќе биде изгласана новата влада, можно е државата да влезе во одредена политичка криза.