Македонија
Не е вистина дека има цијанид стотици пати над дозволеното во Крива Река, рече директорката на инспекторатот, Гиновска

Директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска, ги отфрла тврдењата кои ги презентираше градоначалникот, Сашко Митовски, повикувајќи се на анализи на акредитирани лаборатории, дека во Крива Река има цијанид стотици пати над дозволеното, по хаваријата во „Тораница“.
„Ги демантирам шпекулациите дека тој ден инспектори од Државниот инспекторат не излегле на терен. Ги отфрлам сите обвинувања дека јас имам изјавено оти се излеала само вода. Таква изјава не постои. Ги демантирам шпекулациите дека има помор на риби во Крива Река. Од 14.03 до денес не е забележан помор. Одговорно тврдам дека цијанид неколку стотици пати над дозволеното во Крива Река, нема, како што твдеше грдоначалникот на 28 март“, рече таа и додаде дека за ширење паника на населението кривично се одговара.
Сепак, директорката потврди дека инспекторите дента кога се случила хаваријата не зеле мостри. Инспекторите се самостојни во своите одлучувања, самите прават проценка, рече таа одговарајќи на новинарско прашање. На нејзино барање, потоа биле земени примероци од шест точки, меѓу кои и онаа на која градоначалникот утредента зел мостра. Резултатите, вели, не се такви какви што ги презентирал градоначалникот.
Прашана дали тоа значи дека се спорни резултатите на акредитираните лаборатории, Гиновска рече: „Не тврдам и не навлегувам во тоа дали се спорни, но резултатите кои беа прочитани од страна на градоначалникот не беа веројатно точно прочитани. Тој направи паника и рече дека неколку стотици пати над дозволеното има цијанид“.
Според анализите на акредитираните лаборатории кои ги има таа, цијаниди во Крива Река има помалку од два.
„Како директор ги побарав сите досегашни испитувања и ми се доставени на увид. Ќе ги достави сите анализи до кумановското јавно обвинителство кое веќе отвори случај – и нивните, и на риболовното друштво „Мрена“ и на компанијата „Булмак“, и на градоначалникот“, додаде.
Директорката рече и дека „екоцид“ не се докажува со земање на еден литар вода, од едно место, само еден примерок, туку со сеопфатна анализа.
Таа заклучи дека предметот со Крива Река е сензитивен и не смее да се користи за дневно политички препукувања.
На компанијата „Булмак“ 2016, додаде таа, изречена им е казна од 180.000-200.000 евра за правниот субјект и 10.000 евра за одговорното лице, која е најголема казна во законот за животна средина. Компанијата потпиша спогодба и предметот е предаден на Комисијата за спогодување, при Министерството за животна средина и просторно планирање.
Директорката на ДИЖС рече дека ќе ги превземе сите соодветни мерки во согласност со законот и ќе ја информира јавноста за следните чекори.
Митовски претходно откри дека во водата има десет пати поголема концентрација на олово и стотици пати повеќе цијанид, азот и фосфор по инцидентот на 14 март.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сомненија за криумчарење златен накит вреден половина милион евра на скопскиот аеродром

Oбвинителството донесе наредба за спроведување истражна постапка против две лица, белгиски државјани, кои се осомничени дека како соизвршители сториле кривично дело – криумчарење.
Осомничените, маж и жена од Антверпен, на 6 април пристигнале во земјава со лет од Виена, па избегнувајќи ја царинската контрола на аеродромот, пренеле непријавени стоки – вкупно 209 парчиња златен накит со тежина од 1.711,1 грама и во вкупна вредност од 479.555 евра.
Откако ја поминале пасошката контрола на Аеродромот во Скопје, осомничените поминале на зелениот канал, каде што поминуваат патници кои немаат стока за пријавување, а второосомничениот при селекција од страна на царинскиот службеник бил упатен на преглед на личниот багаж на скенер, каде било забележано дека двата куфери се наполнети со празни кутии за накит и други непријавени предмети. Тој појаснил дека патува со неговата сопруга која е првоосомничена и дека таа ја поминала пасошката контрола. Нешто подоцна осомничената се вратила и при дополнителен царински преглед, во личниот багаж – ранецот кој го носела била пронајдена непријавената стока – златен накит, која и била одземена.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за двајцата странски државјани осомничени за криумчарење на стока која е во вредност од големи размери.
Македонија
29-годишниот Aлександар е 61-та жртва на пожарот: имал 35 отсто изгореници од трет степен

Александар Гавриловски роден на 7 март 1996 година е 61. жртва на пожарот во кочанската дискотека „Пулс“.
Тој почина денес во 11 часот, како еден од покритичните пациенти кои се лекувале во Литванија.
Министерот Арбен Таравари изјави дека од 4 април му била влошена состојбата, а од вчера бил ставен на хемодијализа. По телото имал 35 отсто изгореници од трет степен, како и изгореници во дишните патишта.
Во моментот меѓу повредените кои се лекувата има уште двајца критични пациенти, а нивната состојба е стабилна.
Александар е вториот пациент кој почина во Литванија од 193-те повредени лица во пожарот.
Министерот Таравари, изрази сочувство до семејството.
Во петокот минатата недела во Литванија почина и управителот на дискотеката „Пулс“, Александар Карадакоски. Министерот Таравари кажа дека неговата состојба цело време била критична, на први април му откажале бубрезите, 36 отсто од телото му било со изгореници, а од вдишаниот пламен дури 90 отсто од дишните патишта му биле изгорени.
Македонија
Фетаи: Земјата ги има решено речиси сите случаи на лица без државјанство, кои произлегуваат од распадот на поранешна Југославија

Заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за политики на добро владеење, Арбен Фетаи, денеска оствари работна средба со г. Габриел Гуалано де Годој, претставник на Агенцијата на Обединетите нации за бегалци (УНХЦР) во Скопје, со кого разговараше за извонредниот напредок што го постигна Северна Македонија во елиминацијата на појавата на лица без државјанство.
За време на средбата беше истакнато дека Северна Македонија е веќе позитивен пример во рамките на глобалната алијанса за решавање на лица без државјанството позиционирајќи се како регионален и глобален лидер во оваа област. Земјата ги има решено речиси сите случаи на лица без државјанство, кои произлегуваат од распадот на поранешна Југославија, при што остануваат само уште два нерешени случаја, кои се однесуваат на граѓани од други поранешни републики што живееле на територијата на нашата земја пред распадот.
Дополнително, евидентирани се и 153 други случаи на лица без државјанство, кои главно се резултат на нерегистрирање деца по раѓањето. Од овие случаи, 90 проценти се од ромската заедница, 7 проценти се Албанци, 1 процент Македонци и 2 процента се од други етнички групи.
„Решавањето на проблемот со лицата без државјанство е многу повеќе од статистички предизвик – тоа е хуман и трансформативен чин, што директно го менува животот на луѓето“, беше потенцирано на средбата.
„Измените на Законот за државјанството имаа длабоко влијание врз животот на многу граѓани враќајќи им го човековото достоинство, кое им било скратено повеќе од три децении“, истакна Фетаи.
Заменик-претседателот на Владата ја повтори заложбата на Владата да продолжи со изградба на инклузивно општество, каде што секој граѓанин има право да постои со достоинство и да придонесува кон заедничката иднина на државата.
„Нашата заложба за измена на Законот за државјанството ги трансформира животите на овие луѓе и семејства враќајќи им го човековото достоинство, кое им беше скратено три децении по ред. Оваа заложба не запира тука. Ќе продолжиме да градиме инклузивно општество, во кое секој граѓанин има право да постои со достоинство и да придонесува кон заедничката иднина“, констатира Фетаи.