Македонија, како членка на ОЕЦД, е обврзана да го воведе глобалниот данок од 15 отсто. Компаниите што се тука и добиваат државна помош, но и оние што би дошле поради ваквата поволност, со новата давачка нема да ги почувствуваат поволностите. Па може да им биде сеедно каде ќе инвестираат. Засегнати се над 50 фирми, кои веќе долго работат во земјава

 

Дали воведувањето на глобалниот данок од 15 отсто ќе ги испразни ТИРЗ- зоните во земјава? Македонија, како членка на ОЕЦД, е обврзана да го воведе глобалниот данок од 15 отсто. Компаниите што се тука и добиваат државна помош, но и оние што би дошле поради ваквата поволност, со новата давачка нема да ги почувствуваат поволностите. Па може да им биде сеедно каде ќе инвестираат. Засегнати се над 50 фирми, кои веќе долго работат во земјава.

Според Виктор Мизо, претседател на Советот за странски инвеститори, уште минатата година се разговарало на оваа тема.

– Ние, како Совет, уште минатата година ги поведовме овој разговор и оваа дискусија со економскиот тим на Владата и иако тогаш, на еден или друг начин, ни беше кажано дека барем ќе има некаков транзициски период кога ние, како држава, веднаш нема да го воведуваме тоа, сепак, од први јануари оваа година овој данок е воведен на глобално ниво. Така што голем број компании, без разлика дали се тоа компании што работат во или надвор од технолошко-индустриските развојни зони или дали добиваат тие државна помош или не, ќе треба детално да ги разгледаат сите ефекти како ќе влијае тоа врз локалните компании – кажа Мизо денеска, во Стопанската комора на Македонија, на Советот на странски инвеститори.

Од 1 јануари, странските компании во државава ќе треба да плаќаат дополнителен данок во земјите од каде што потекнуваат. Државава сè уште не е приспособена кон овој данок, а првите плаќања за годинава, по тој основ, странските компании би ги имале во 2026 година.

За членките на Советот, вчера, во Стопанската комора се одржа презентација на тема „Ефектите од глобалниот минимален данок врз добивките на компаниите во С Македонија“. Мизо очекува да се утврдат идеи и предлози, кои ќе бидат изнесени пред креаторите на политиките, по изборите, за приспособувањето кон оваа новина.

– Државава го прифати пред две години, ќе има влијание врз големите мултинационални компании што работат во државава и имаат консолидирана добивка од над 750 милиони евра и како ќе влијае тоа на нашето работење, но истовремено и врз оданочувањето, како на локално така и на ниво на државите од каде што потекнуваат компаниите – дополни Мизо.

За голем број компании, без разлика дали работат во или не во технолошко- индустриските развојни зони, дали добиваат државна помош или не, ќе треба детално да се разгледаат сите ефекти како ќе влијае тоа.

Иако државава сè уште не е адаптирана на данокот и останува рамниот данок од 10 проценти, Мизо рече дека ако не се смени ништо, ќе треба да има доплаќање на дополнителен данок во земјите од каде што потекнуваат овие компании, зависно од тоа дали добиваат тие државна помош или не. Разликата, појасни, може да биде целосно плаќање 15 проценти или разликата меѓу ефективниот данок што се плаќа кај нас и до 15 проценти. Исплатата ќе биде во државите во странство каде што се лоцирани компаниите.

Прашан дали може дел од странските компании што работат кај нас, во зоните, да ја напуштат државава поради оваа дополнителна давачка, Мизо рече дека преку разговорите ќе се видат сите позитивни и негативни ефекти, но оти сите политики поврзани со бенефициите би требало да се адаптираат.