Положено свежо цвеќе пред единственото спомен обележје во земјава на основоположникот на идејата за движењето на Црвениот крст Анри Динан, пред седиштето на Црвен крст Охрид. Поводот е одбележување на Светскиот ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина, како и неделата од 8-ми до 15-ти мај, како „Недела на Црвениот крст и Црвената полумесечина“.

Оваа година овој ден го прославуваме под мотото „Да живее хуманоста“ со цел да ја промовираме хуманоста, да ги поттикниме луѓето да ја сочуваат хуманоста во овие тешки времиња, да го зачуваме достоинството и почитта на луѓето, да го заштитиме нивното здравје посебно во несреќни околности, истакна потпретседателката на Охридскиот Црвен крст, Весна Терзиоска.

Црвен крст Охрид оваа недела има низа активности. Денес волонтерите, членовите и поддржувачите покрај положување на свежо цвеќе одржаа и дисеминација во просториите на организацијата.

Во текот на следната недела предвидена е дисеминациска сесија со членовите на едукативната програма „Полетарче“ и во некои од училиштата. На 21 мај ќе се одржи крводарителска акција во Факултетот за туризам и угостителство во перидот од 10 до 14 часот која е отворена за сите студенти и граѓани. Паралелно течат активностите и програмите кои се во рамки на Црвен крст Охрид.

Улогата на Црвен крст во општеството е многу важна бидејќи таа е партнер на сите субјекти, чинители кои го градат граѓанското општество. Тоа е најголемата невладина, непрофитабилна и хуманитарна организација која брои 191 национални друштва во светот со една голема армија на волонтери, бидејќи мисијата на Црвениот крст е да го зачуваме достоинството и почитта на граѓаните, да го заштитиме нивното здравје, да промовираме здрави стилови на живот, да ги заштитиме од несреќи, да ги едуцираме младите и сите граѓани за да можат да се снајдат за време на катастрофи и сметам дека во сите сегменти од општественото живеење ние сме партнер со сите тие кои раководат со државата, вели Терзиоска.

Охридскиот Црвен крст високо котира меѓу 33-те општински организации. Тајната на успехот, потенцира Терзиоска, е во волонтерите, членството и раководството кое што е отворено за сите промени и идеи кои доаѓаат од самите волонтери.

Сите идеи се добредојдени. Се тоа што оди во прилог на нашите сограѓани, ние сме тука да го слушнеме, да се организираме. Мислам дека чекорот кој го фаќаме со промените и прилагодувањето на потребите на граѓаните во Охрид е тајната на успешноста на Црвен крст Охрид. Нормално, тука најсилна алка се волонтерите бидејќи Црвен крст е организација на волонтери, посочува Терзиоска.

Во моментов во Црвен крст Охрид има активни 400 волонтери кои соодветно си го наоѓаат своето место во одредена програма, додека бројката на членови е поголема.

Н.С.Ј.