Операта „Валкира“ на Вагнер на 18 мај, со која ќе гостува Софиската опера и балет ќе биде прва изведба на Вагнеровото дело на нашата сцена.

Орце Ицковски, уметнички раководител на Операта на денешната прес-конференција истакна дека тоа е најексклузивен настан на фестивалот.

Како што рече, се потрудиле да направат ексклузивна програма која, покрај премиерата и репризата на „Трубадур“ на 11 мај, ги има и балетот „Заспаната убавица“ на Чајковски (15 мај) со диригентот Најер Нагуи од Египет и солисти од Бугарија.

Во годината посветена на Џакомо Пучини ќе биде изведена операта „Тоска“ (23 мај) со Весна Ѓиновска-Илкова во насловната улога, домашна екипа и гости од Србија и Романија, а новина за овие Мајски оперски вечери е изведбата на камерна опера – современа а капела опера „Свадба“ со која на 28 мај ќе гостува Словенечкиот камерен музички театар од Љубљана.

Традиционално, Мајските оперски вечери ќе завршат на 31 мај со Вердиевата „Аида“ со солистка од Австрија во насловната улога (Моника Медек) и гости од Кина, Италија и Бугарија во екипата во која е и нашиот бас Игор Дурловски. Диригент на „Аида“ ќе биде Нимрод Дејвид Фефер од Израел –диригент во престижната опера „Метрополитен“ во Њујорк.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.