По пасошите, и готовите лични карти ќе се проверуваат електронски на сајтот на МВР

Министерството за внатрешни работи во наредниот период ќе работи на можноста жителите на Скопје да добиваат информација дека нивната лична карта е готова и дадена во соодветна полициска станица. Министерот за внатрешни работи во техничката влада, Панче Тошковски најави дека ова е наредниот чекор на кој ќе работат, но посочи оти можностите и техничките капацитети се ограничени.

„Верувајте ми дека капацитетите се тие, можностите се тие, моментално сè уште имаме еден скенер, врз основа на којшто влечеме податоци за да може да се влезе во систем да бидат информирани граѓаните, така што правиме сè што е возможно да се направи да целиот процес биде подостапен за граѓаните, подостоинствен, но наеднаш сè не можеме да направивме. Многу често се обидувам да зборувам на наједноставен начин, но ова не е едноставен процес, ама не е ни научна фантастика која треба да ја измислиме, но со посветеност, со работа, чекор по чекор ќе го нормализираме“,изјави тој одговарајќи на новинарско прашање при денешната посета на одделението за Управни работи Куманово.

Тошковски денеска изврши увид во пилот-проектот и новиот начин на функционирање на вадењето лични документи по системот „земи бројче“.

 

Објаснувајќи го процесот, Тошковски рече дека граѓаните подигаат бројче за услуга, преку мониторите се известени кога треба да пристапат до шалтерите каде што ја добиваат бараната услуга. Според него, на овој начин се регулира метежот.

„Она што го правиме во овој месец и половина, целта ни е на еден достоинствен начин колку што можеме да го олесниме процесот на издавање лични документи“,рече Тошковски.

Back to top button
Close