Од факултетските клупи до амбиција за прва жена претседател на Македонија- која е кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова?

Од факултетските клупи до амбиција за прва жена претседател на Македонија- која е кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова?

Од факултетските клупи, до еден од најгласните пратеници во Собранието, сега во втор обид да стане прва жена претседател на Македонија. Гордана Силјановска Давкова со ветување дека ќе биде претседател меѓу народот повторно ја бара поддршката од македонските граѓани.

-Ветувам дека доколку станам претседателка моите кандидати ќе бидат најдобрите во Уставниот суд, најдобрите во Судскиот совет, дека амбасадорите ќе се регрутираат врз основ на компетентност и стручност, а не врз партиска блискост. Не треба да се зачудите ако ме видите на протест со маргинализирани групи во првиот ред, не треба да се зачудите дека ако во Парламентот има потреба од вето, дајте да се усогласиме овде, изјави Силјановска Давкова.

Силјановска својот мандат во Собранието го искористи да укаже на проблемите кои доаѓаат со новиот Кривичен законик, кој веднаш го потпиша нејзиниот ривал Стево Пендаровски.

-Ова мене ми личи на преудицирана амнестија за потенцијалните сторители, можеби нивните имиња и презимиња не ги знаеме, меѓутоа областите каде што се случуваат овие кривични дела, институциите фондовите итн. секој ден ги слушаме, иако веќе не можеме да ги запомнеме колешке, се срамам што сум правничка, изјави Силјановска Давкова.

На власта и кажа дека влегува со глава во ѕид во однос на уставните измени со цел внесување на Бугарите. Порача дека отпочнување на целиот процес во Собранието без национален консензус е целосно нелогично. 

-Прво дајте да провериме дали има расположение во Собранието. Што мислат дека ако почнат со работни групи дека сите ќе гласаат? Дека со тоа ќе создадат привид на отпочнат процес? Процесот се проверува на лице место. За почеток на измени на Устав потребен е предлог, а за негово усвојување неслучајно е потребно двотретинско мнозинство, за да не се фрлате во непотребен трошок и време да го проверите тој момент инаку попусто ќе работат групите, изјави Силјановска Давкова.

Силјановска Давкова во текот на минативе години беше гласен критичар на сите погрешни политики на власта. Од правен аспект говореше дека со промената на името на државата во неуспешниот референдум била прекршена волјата на граѓаните.

-Уставот беше сменет наспроти неуспешниот референдум. И каков сакаат нека го именуваат референдумот, задолжителен, консултативен. Иако е многу чудно да ме консултирате откако ќе постигнете некаков договор. Мора да знаеме дека тој не успеа, изјави вчера во гостување во „Што не е јасно“ на Алфа, професорката Гордана Силјановска Давкова.

Со самиот влез во изборната трка, Силјановска Давкова стана мета на навреди од страна на членството на СДСМ. Но и од самиот Стево Пендаровски, кој на митинзите целосно го прекрши Кодексот за фер и демократски избори и почитувања кон против-кандидатите, кој пред стартот на кампањата го потпиша во ДИК.

Силјановска Давкова ветува дека ако победи ќе ја врати почитта на позицијата претседател на државата, а за разлика од сегашниот немало да води никакви преговори со странците без согласност од сите. Најави и дека ќе биде коректор на централната власт и нејзин критичар доколку тоа е потребно.

-Никогаш нема да одам на преговори, никогаш нема да разговарам за Македонија, никогаш нема да разговарам за Уставот, пред претходно да се договорам со Владата и со Собранието за тоа“, рече претседателската кандидатка Гордана Силјановска Давкова на митинг во Гостивар.

Силјановска Давкова во 2019-та беше поразена на претседателските избори од Стево Пендаровски, со само 4.000 гласа разлика во првиот круг и помалку од 60.000 во вториот. Таа покрај долгогодишен професор на Правниот факултет беше и министер без ресор во првата политичка Влада по самостојноста на Македонија.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста