Маричиќ во стил на Османи: И тој не знаел на што ќе се трошат 350.000 евра за придобивките од ЕУ, одговорите да се барале кај Ковачевски

Шефовите на клучните сектори за евроинтеграциите поим немаат каде ќе се трошат 350 илјади евра за придобивките од ЕУ. И вицепремиерот Бојан Маричиќ, како и Османи не знае на што точно ќе потрошат стотици илјади евра народни пари. Тој не препрати одговори да бараме во Владата, каде што ја извршува функцијата заменик на премиерот за европски прашања.

-Таа целокупна кампања е координарана централно од Владата, ќе треба таму да ги побарате детално одговорите. Јас мислам дека секој ден, разговор, еве и денес ќе го искористам денот за порака како европските пари можат да помогнат во секојдневниот живот на граѓаните на секоја наша општина и секое наше населено место. Мислам дека нема никаква штета секој ден да се разговара се повеќе за тоа, затоа што нашта стратешка определба е таму, изјави Маричиќ.

Нема став ниту дали се многу 350.000 евра за ваква кампања, во услови кога обичните луѓе секојдневно бараат зголемување на платите, а пензионерите повисоки пензии за нормален живот.

-(Дали не се многу пари и на што ќе бидат потрошени тие пари?) Мислам дека е најкоретно како и за секој јавен повик за искористување на јавни пари или тендер да го прашате оној што ги распишува, бидејќи тие ги прават спецификациите. За кампањата од СЕП имав и специјален брифинг и известив и секогаш сум спремен, во секој момент да разговарам за тоа, но за ова ќе треба да прашате во Владата, изјави Маричиќ.

Претходно баравме детали и од Османи, но и тој како на лента го повторуваше истиот одговор неколку дена по ред.

-Не сум точно информирам за што се работи, кажа Османи на 15-ти ноември.

–Во однос на кампањата ќе морам да признаат дека не сум се уште доволно информиран во тој дел, кажа Османи на 16-ти ноември.

-(И она што ве прашав за кампањата пред два дена, дали сега имате информација по два дена?) Тоа треба да го прашате мојот тим, кажа Османи на 18-ти ноември.

За што точно ќе се трошат парите не одговори ниту премиерот Димитар Ковачевски, но сумата според него не било многу висока. Сосем нормално било да се потрошат 350.000 евра за да им се каже на граѓаните што ни носела Европската Унија.

Инаку, договорот потпишан пред 10-тина дена, тежи 18 ипол милиони денари, а скопската фирма „Вертиго НМЕ“ треба да изработи слоган, дизајн на лого, графички стандарди, комуникациска и креативна стратегија, дизајн на билборди, промотивни видеа и видео анимации, веб банери, графички решенија за социјални мрежи, ПР стратегии во тек на кампањата која треба да трае 45 дена.

Инаку, оваа кампања ќе претходни непосредно на кампањата за претседателските избори, што е спорно по повеќе основи.

Извор: Алфа телевизија