Оркестарот на македонската Филхармонија, вечерва, со почеток во 20 часот, ќе го изведе концертот насловен „Сила“, на кој како солисти ќе настапат Пачо Флорес (Венецуела) на труба, Лео Рондон на венецуелска гитара (Венецуела), а диригент е маестро Мануел Хернандез-Силва (Венецуела/Шпанија).

„Концертот не случајно носи наслов „Сила“, затоа што сите композиции, ако може да им се даде една генерална оцена, се фокусирани на моќта на интерпретацијата, страста и енергијата којашто и самите изведувачи треба да ја донесат на сцената. Почнувајќи од симфонискиот став „Музи и здив“, чиј автор е солистот на труба Пачо Флорес, став кој е посветен на врвниот Астор Пјацола, аргентинскиот композитор што го донесе на свет „танго нуево“, и во кој се чувствува неговото силно влијание, особено во оркестарските делници“, велат од македонската Филхармонија.

„Приказни за цвеќиња и танго“ е композиција на Даниел Фрајберг, еден од новите водечки композиторски имиња, и „Симфонискиот сјај на Маргарита“ на композиторот Иносенте Хозе Карењо, негово најпознато дело во кое се содржани многу влијанија од народната музика од северниот брег на Венецуела, поточно од островот Маргарита.

Инаку, трубачот Пачо Флорес критиката го оценува како еден од најатрактивните уметници денес, кој е фокусиран на промоција на современата музика.

Лео Рондон е познат интерпретатор на венецуелска куатро гитара, аранжер и продуцент на квартетот „Авила“, на Венецуелскиот музички квартет, како и на ансамблот „Л’Арпеџата“, покрај неговиот соло-проект едноставно насловен „Лео Рондон“. Добитник е на значајни награди во Венецуела и Колумбија како изведувач на куатро гитара, а настапува на престижни фестивали низ светот.

Мануел Хернандез-Силва диригирал на значајни интернационални фестивали, а често настапува како гостин диригент со шпански и со други оркестри во Европа. Маестро Хернандез-Силва работи и како професор, постојано е активен во педагошката сфера, каде што посветено едуцира млади диригенти.