Георгиев: Без да ги закопаме „врските“ и „имам таму човек, не се секирај“, не можеме да одиме напред

од Nikola Popovski
107 прегледи

Политикологот и поранешен политичар, Гордан Георгиев испрати емотивна порака на социјалните мрежи по трагедијата во кочанската дискотека. Го обвини коруптивниот систем и замижувањето пред митото.

-Ќе можеме ефективно да делуваме само ако прво делуваме индивидуално, а потоа колективно. Тоа значи најпрво, секој од нас да си ги преброи личните “дуќанчиња” (јас ги избројав за себе, имам 5-6 такви дуќанчиња) и да си ги затвори, со катанец. Тоа значи дека секоја врска, врскичка, имам братучед таму, ќе подмачкам, не се секирај, имаш ли бе чоек таму, абе слушнав си бил близок со неа….сето тоа ќе си го закопате два метри под земја, ќе го погребете. Без тоа нема напред, шансите ни се речиси никакви. Под дуќанчиња не мислам само на софт и хард корупција и фаќање врски, туку мислам и на разно- разни идеолошки дуќанчиња, персонални преференци, можности за позиции и поголема плата или проект, тага за минатото, можеби и неправда или грев што претходно ви ги направиле овие или оние…Не, не, се’ ќе тргнете на страна, стои во објавата на Георгиев.

Политикологот оценува дека опозицијата прилично внимателно се однесува и, според него, тоа е добро.

-Грчот е голем, влогот е државата и целокупниот опстанок на ова општество. Добро знаете дека сите тоа го шепкаме: ова не е држава, не не’ бива, пак исто ќе биде. Со оваа, би рекол здрава доза на скепса и неверица, треба до крај да ги поддржиме овие кои сега се во можност тоа да го направат. Бидејќи, реално, немаме second best. Власта е во ран мандат, на опозицијата и’ треба време да се консолидира, неаме секонд бест, посочува Георгиев и се осврнува на протестот како форма на незадоволство.

-Протестот, во индивидуална или колективна форма, го гледам како „протест во ентелехија“, како бивање на штрек 24/7, како поттик да се истераат работите и како кочница да не се претвори ова во лов на вештерки, селективна правда или етничка правда. Можеби сега му е мајката? Што мислите, прашува политикологот.

Слични содржини