Откако францускиот парламент и изгласа недоверба на владата предводена од премиерот Мишел Барние, кој поднесе оставка, францускиот претседател Емануел Макрон и се обрати на нацијата.
„Му благодарам на Барние за неговата „посветеност“ и „подготвеност да не се откаже“ додека беше премиер.
Макрон рече дека се обидува да ги убеди политичките партии да работат заедно, поради што го избра Барние – „кој имаше искуство“ – да се обиде да формира коалиција, пренесува Би-Би-Си.
Сепак, вчерашното гласање за доверба на владата беше „без преседан“ во последните 60 години, при што екстремната десница се приклучи кон левицата.
– Некои од политичките противници избраа хаос. Не размислуваат за вас, гласачите – рече Макрон.
Тој истакна дека Франција не може да има нови парламентарни избори, 10 месеци по предвремените избори во јули и порача дека неговиот мандат трае пет години и дека ќе биде претседател до крај.
– Денес започнува нова ера. Мораме да работиме заедно за Франција – порача францускиот претседател.
Макрон додаде дека ќе го именува следниот премиер на Франција во наредните денови затоа што земјата не може да си дозволи да биде статична.
Макрон го заврши својот говор со истакнување на силата на Франција и повикување на единство.
– Онаму каде што земјата е ранлива, таа треба да се обнови. Секаде каде што има лошо однесување, мораме повторно да ја воведеме мудроста, а секаде каде што има простор за болка и очај, мора да внесеме надеж. Успеавме да го направиме тоа и ќе продолжиме да му го покажуваме на светот. Да живее републиката, да живее Франција – го заврши францускиот претседател своето обраќање до нацијата.