Руските избори

Изборите, во Русија, завршија! Путин Велики победиСтана владетел кој најдолго е на челото на Русија, од времето на Катерина Велика. Неговата победа за никого не беше изненадување. Ниту за Русите, ниту за познавачите на руските прилики во светот. Сите анкети, спроведени во Русија, во изминативе две години, покажуваа дека тој ја има подршката на 70% од граѓаните. Добиените гласови, не само што ги потврдија овие анкети, туку и значително го зголемија бројот на подржувачи. Путин освои над 87% од вкупниот број на гласови. Не само Катерина Велика, туку и Петар Велики, не можат, а да не бидат задоволни.

Подржувачите и практикувачите на демократијата, а и руската опозиција, ниту им веруваат на анкетите, ниту на добиените гласови. На излезноста, која е огромна, скоро 78%, може, а не мора да и’ се верува. Западните влади, со различен вординг, јасно кажаа дека не ги признаваат изборите. Но, тоа ништо не значи. Ниту Путин Велики, ниту неговите соработници, а ниту руската официјална опозиција, не покажуваат никакви знаци на загриженост. За нив Западот е веќе завршена работа. Уште поважно, се чини дека и мнозинството на Руси се согласуваат со тој став. Уште позагрижувачко, мнозинството на Руси, може не ја подржуваат војната со Украина, но според руските опозициони мислители, таа ја сметаат за неизбежна.

“…Војната може да трае многу години, дури и без масовна подршка на граѓаните, се додека мнозинството гледа на неа како на природен феномен, врз кој тие немаат влијание…”.

При ова, требе да се има во предвид и фактот дека мнозинството од Русите, оваа војна ја гледаат и како војна со Западот, а не само со Украина. Всушност таквиот став, во комбинација со трапавите обиди на Украина, за време на изборите, воените судири да ги пренесе на територијата на Русија, дополнително ја потикнаа излезноста.

Масовниот национален инжињеринг кој Путин Велики го започна пред дваесетина години, почна да ги дава резултатите. Војната во Украина само е манифестација на победата на Путин врз про-западните сили во руското општество. Историјата на Русија е и истрија на постојани внатрешни судири околу прашањето дали Русија е европска или азиска држава. Овие судири имаа сериозно влијание и врз вековната руска надворешна политика. Тоа прашање, се чини, дека е веќе затворено. Националниот инжињеринг на Путин создаде нација која не е ниту европска, ниту азиска. Таа е мешавина на двете култури со православието во нејзиниот центар. Руската надворешна политика доследно ја следи оваа линија. Русија, за прв пат во својата историја има воени бази во Медитеранот и е сериозно присутна во Африка, но и во делови на Јужна Америка. За драстичниот раст на трговијата со Кина, но и со Индија, воопшто не треба да се потсетува.

Сериозново гео-политичко поместување на Русија, можеше и требеше да се земе во предвид. Земјите од Западот, тоа го пропуштија. Целосно ги игнорираа страничните предупредувања дека со Русија треба да се разговара и да се инсистира на целосно спроведување на одредбите од двата Мински договора. Резултатот денес е познат. Од “бензинска пумпа” на Европа Русија прерасна во кочничар на развојот, а со тоа и на благосостојбата на Европската Унија. Земјите членки, а најмногу Германија, веќе ги чувствуваат резултатите од оваа грешка. Економскиот раст на еврозоната оваа година тешко дека ќе надмине 1%. Трендот на заостанување зад САД ќе продолжи. Со самото тоа транс-атланските односи ќе бидат се’ повеќе и повеќе изложени на притисок. Неуспехот на Европската Унија да постигне договор со САД, околу субвенициите кои Вашингтон ги дава на производителите на електрични автомобили, веќе се чувствуваат.

Францускиот претседател, Макрон, од мировник, се претвори во јастреб. Го имитира Путин. Сакајќи, на престојните европски избори, да ја победи сопствената опозиција, тој повикува на испраќање на копнени трупи од земјите членки на НАТО, во Украина. Прашањето на безбедноста на Франција, но и на Европа, го стави во центарот на неговата надворешна политика. Се обидува да потикне општествена мобилизација околу себе. При тоа го игнорира клучниот факт. Французите, но и европјаните, во целина, не се Руси. За разлика од руската, европската цивилизација е изградена врз силата на човековата слобода и индивидуалност. Вредности кои произлегуваат од слободниот ум. Оттука, иницијативата на претседателот Макрон, му оди на рака само на Путин Велики. Одговор на ваквите изјави на Макрон, но и на некои други европски лидери е познат. Пораката е повеќе од јасна. Русија е зад Путин Велики. Русија е подготвена за тотална војна. Нешто што не може да се каже за земјите членки на Унијата. Растот на ултра десницата и ултра левицата, јасно го потврдуваат тоа.

Изјавите на Макрон, како и обидите на Украина да навлезе на територијата на Русија, непосредно пред изборите, односно за време на изборите, се збунувачки. Доколку човек сака да биде циник, слободно може да каже дека всушност Макрон и Зеленски посакуваа секој втор Русин, кој излезе на изборите, да гласа за Путин. Како да сакаа да победи, во услови на војна, со најголем резултат, од сите избори на кои учествувал, до сега. Се чини, во право се, не многу популарните аналитичари, кои веќе подолго време укажуваат дека лидерите на големите земји членки на Европската Унија сеуште целосно не го напуштиле империјалниот начин на размислување. Одбиваат да прифатат дека европските предизвици повеќе не се и светски.

Резултатите од престојните избори за европскиот парламент се горе доле веќе познати. Победник ќе биде десницата во лицето на европските народни партии. За жал, или за среќа, зависи кој како гледа, зад врат ќе им дише крајната десница. Таа нема да ја преземе власта во органите на Унијата, но ќе биде сериозен играч, кој ќе го отежнува спроведувањето на зацртаната  политика кон Русија. Ако кон ова се додаде и евентуалниот избор на Трамп за претседател на САД, работите дополнителни се компликуваат. Путин Велики токму тоа го посакува. За него војната во Украина е и средство за да го распука единството на НАТО и ЕУ. Во овој момент тоа му е најголем надворешно-политички приоритет. Истото може да се каже и за Западот. Целосната подршка која тој ја пружа на Украина, не е во функција на воена победа. Таа е во функција на целосно исцрпување на руската моќ. Реално гледано двете страни во моментов играат на кондиција. Си обезбедуваат подобри стратешки позиции за следниот судир околу Арктикот.

Автор: Јован Донев за НетПрес