Спорт
Заврши сезоната за Енцо Фернандес
Играчот од средниот ред на Челзи, Енцо Фернандес, ја заврши сезоната, бидејќи наскоро ќе мора да оди на операција на препоните, пишува аргентинскиот весник „Оле“. Според овој извор на Фернадес ќе му бидат потребни неколку недели за рехабилитација.
Поранешниот фудбалер на Ривер Плејт и Бенфика, извесно време се жалеше на болки, но сепак играше. Постоеше опција лекувањето да се одложи до лето, но по консултација со лекарите на Челзи и аргентинската репрезентација тој одлучи веднаш да биде опериран.
Планот е Фернандес да има доволно време целосно да се опорави за претстојната Копа Америка која започнува на 20 јуни.
Светскиот шампион пристигна на „Стемфорд Бриџ“ од Лисабон во јануари 2023 година во трансфер вреден 121 милион евра. Неговите настапи оваа сезона, сепак, се во склад со перформансите на повеќето играчи на Челзи – неубедливи и нестабилни.
Енцо оваа сезона одигра 40 од 45 натпревари за „сините“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Три репрезентации му нудат државјанство на Французинот Олисе
Михаел Олисе се надеваше но не доби повик од францускиот селектор Дидие Дешам за ЕУРо 2024.
Овој 22-годишен крилен напаѓач зад себе има одлична сезона во Кристал Палас. Во Премиер лигата постигна 10 гола.
Сепак, Дешам за ЕУРо 2024 се реши за проверени имиња, па шанса пред Олисе добија Коман, Дембеле, Турам и Коло Муани.
Прашање е дали Олисе ќе има трпение да чека на повикот од Дешам.
Интересно во оој момент на него сметаат уште три репрезентации: Англија, Нигерија и Алжир.
Олисе играше за младинските селекции на француската репрезентација, а гореспоменатите репрезентации се подобни бидејќи е роден во Лондон од татко Нигериец и мајка која е Французинка со алжирско потекло.
Спорт
Кејн се мачи со повреда во пресрет на ЕП
Напаѓачот на англиската репрезентација и Баерн Минхен Хари Кејн (30) мака мачи со повреда на грбот во пресрет на Европското првенство кое од 14 јуни до 14 јули ќе се одржи во Германија. Кејн ќе го пропушти последниот натпревар на Баерн во Бундес лигата против Хофенхајм, поради проблем со грбот.
Кејн имаше проблеми со грбот и во пресрет на реваншот од полуфиналето на Лигата на шампионите против Реал Мадрид минатата недела, но покрај тоа што чувствуваше болка тој беше во тимот.
„Пробавме со инекции и терапија. но не помогна. Се влоши и тоа го чувствуваше во секојдневните движења. Немаше шанси воопшто да тренира“, изјави тренерот на Баерн, Томас Тухел.
На ЕП Англија ќе игра во група со Словенија, Данска и Србија. Тренерот Герет Саутгејт во вторник ќе го именува својот прелиминарен состав за турнирот.
Кејн постигна 44 гола во сите натпреварувања во неговата прва сезона во германскиот клуб, вклучувајќи четири хет-трика во Бундеслигата. Кејн со 62 гола е најдобар стрелец во историјата на англиската репрезентација.
Спорт
Севилја му нуди доживотен договор на Хесус Навас
Хесус Навас (38) во петокот навечер објави дека ја напушта Севилја по крајот на сезоната. Во објавата се пожали дека никој во клубот не му понудил нов договор.
Сепак, претседателот на Севилја, Хозе Марија дел Нидо Караско реши да реагира. Тој зборуваше на прес-конференција одржана до стадионот кој го носи името на „Хесус Нава“с, каде што настапува резервниот тим на Севилја. Караско објави дека на Навас му нуди доживотен договор.
„Се чувствувам дека треба да го истакнам ставот на клубот кога е во прашање Хесус. Не би ми паднало на памет како човек, како навивач на Севилја или како претседател да се спротивставам на најголемата легенда на клубот. Дури и овој стадион е именуван по него и јас не сакам да се судриме со него ниту јавно, ниту приватно, но не можам да дозволам да биде запишано во аналите на историјата дека Хесус не останува затоа што Севилја тоа не го сака. Станува збор за недоразбирање и јас не сакам Хуус да пати“, рече Караско и дополни.
„Од оваа позиција му нудам доживотен договор за да може да игра овде колку што сака, а потоа да продолжи да работи овде. Доколку остане при својата одлука, ќе го почитувам тоа и ќе направам се за да го добие заслуженото збогување, но се надевам дека Хесус ќе продолжи со нас затоа што го заслужува тоа и Севилја ќе му даде што сака“.
Навас кариерата ја започна во 2003 година, а во 2013 година се пресели во Манчестер сити. По четири години минати во Англија, тој се врати во Севилја.
Вкупно, тој играше за клубот од Андалузија 689 пати во сите натпреварувања, со што го држи рекордот како играч со најмногу настапи во историјата на клубот.