Жителите во селото Буковиќ, кое се наоѓа на територијата на Општина Сарај, и е на оддалеченост пет километри од Рашче, користат вода, а немаат водомери. Овој проблем го обелодени еден од жителите кој истакна дека околу 600 куќи се без водомери и бараат надлежните да го решат проблемот.

Од Општина Сарај за весникот ВЕЧЕР изјавија дека досега кај нив не било пријавено такво нешто и се оградија од регулирање на состојбата.

– Општина Сарај воопшто не менаџира со водоводот во ова населено место. За тоа треба да се обратите до јавното претпријатие „Водовод и канализација“- потенцираа од локалната самоуправа.

Од ЈП „Водовод и канализација“ велат дека заедно со Град Скопје, пристапиле кон решавање на деценискиот проблем со водоснабдување во Буковиќ и шест останати населени места во општина Сарај.

– Граѓаните во тие населени места се снабдуваа со вода од алтернативни извори, а „Водовод“ започна со реализација на приклучоци на новата водоводна мрежа за граѓаните од овој дел на градот која активно се градеше во изминатите девет месеци – информираа од претпријатието.

(А.П.)