Претседателот на Социјалистичка партија на Македонија Љупчо Димовски денес оставри средба со охриѓани.

Собрани сме да го почнеме паѓањето на оваа ненародна власт, рече во обраќањето пред бројните членови на партијата во Охрид, претседателот на Социјалистичка партија Охрид Александар Блажески.

Денес почнува кампањата за парламентарните избори на кои ние ќе го освоиме мнозинството и ќе ја направиме новата влада на Република Македонија. Кога кажувам ние зборувам за Социјалистичката партија што ќе има значаен број на пратеници и ќе учествува и во извршна и во парламентарна власт. Како што сме активни на локално ќе бидеме активни и на државно ниво. Социјалистичката партија во Охрид учествува во локалната власт со еден советник. Се надевам дека со наредните локални избори уште повеќе ќе партиципираме во локалната власт, рече Блажески.

Претседателот на Социјалистичка партија Димовски посочи дека во изминативе седум години како Македонци се чувствуваме дека сме премногу измамени, изманипулирани и пред се покрадени.

Сведоци сте дека оваа Влада сите овие изминати седум години ја ограбува македонската држава, македонскиот народ. Во изминативе години скоро 30 милијарди евра или можеби и повеќе се потрошени низ буџетите на Република Македонија, ама дали сте сведоци дека нешто е направено. Седум години поминаа уште патот од Кичево до Охрид е таков каков што е. Колку е бесчувствителна таа власт која си дозволи патот да биде незавршен толку години. Да не ја заборавиме и блокадата од минатата година кога на најгруб начин централната власт вам охриѓани ви се освети зошто не го дадовте гласот за нивниот кандидат за градоначалник и Советот на Општина Охрид. Како што започна кампањата за претседателските избори се повеќе слушаме дека тие биле големи патриоти. Дека тие се патриоти не станува збор, бидејќи не е воопшто патриотски да се краде од сопствената држава и да се пљачка сопствениот народ. Напротив, тоа е предавство. Во изминативе седум години имаме неколку такви предавства, не се почитуваше волјата на македонските граѓани на референдумот. Предавство е и пљачкањето на народот за името, како што е и потпишувањето на т.н договор за добрососедство, а всушност тоа е договор за ништење на македонскиот народ. Каков е тој договор за добрососедство ако тој со кој сте го потпишале договорот во прва прилика добива шанса и ве блокира при започнување на преговорите за членство во ЕУ. Започнавме да си го бришеме идентитетот од страна на нашата власт, нашата култура, историја, рече Димовски.

Истакна дека народот е свесен дека сите работи се премногу далеку отидени што се гледа и од тоа дека зоврива трпението кај македонскиот народ, кај сите граѓани. Ова сега што се случува не е добро, државата се движи во лош правец и  прашање на време е кога целосно ќе капитулираме и како држава и како нација, додаде тој.

Било што да направиме ние во однос на сите барања кои Бугарите ги имаат кон нас, никогаш нема да ги задоволиме нивните апетити. Овие кои се на власт не им е никаков проблем да дадат што повеќе само за да останат во милост кај некои  по нивно толкување, високи кугови во Брисел кои ќе ги заштитат и ќе им обезбедат дополнително владеење со Македонија. СДСМ ќе си увиди во каква тешка ситуација се наоѓа по изборите на 24 април и 8 мај. Ќе се случи една историска голема двојна победа на македонскиот народ. На сите овие средби и митинзи ја гледаме решителноста на народот да се стави крај на ова и ќе се стави. На 8-ми мај повторно ќе си ја освоиме слободата, ќе си ја вратиме државата и повторно ќе ја воспоставиме демократијата. Не е целта да се дојде на власт за да се владее. Имаме политичко кршење, национално-историско, културно и стопанско, економско кршење. Единствениот начин да си ја спасиме државата е да победиме на 8-ми мај, додаде Димовски.

Н.С.Ј

фото. Б. Стојаноски