Рокот истекува, а сѐ уште е непознато кој ќе биде новиот универзален снабдувач со струја

Рокот за избор на нов универзален снабдувач со електрична енергија истекува, а сè уште нема официјална информација која компанија во следните пет години ќе снабдува околу 900.000 домаќинства и мали потрошувачи со струја во земјава.

Според последните најави од Владата од минатата недела, извештајот на комисијата за спроведување на избор на универзален снабдувач треба да се најде на следната владина седница, на која треба да одлучи дали ќе го прифати предлогот на комисијата или ќе побара повторување на постапката, пишува Плусинфо.

Јавниот повик за избор на нов универзален снабдувач беше распишан лани во декември, а заврши на 12 јануари кога три компании доставија свои понуди – ЕВН Хоум, ЕСМ Продажба и ЕДС. Од тогаш, за текот на постапката нема никакви официјални информации. И покрај големиот интерес и прашањата, ниту јавноста ниту компаниите немаат информација кој ќе добие можност да се натпреварува за снабдување и кои компании ги исполниле условите во јавниот повик.

Наместо официјални информации за исходот на постапката, одлуката за повторниот избор на ЕВН за универзален снабдувач и во наредните пет години ја објавија некои медиуми, според неофицијални извори.

За разлика од пред пет години, овојпат изостана спроведување на т.н. „отворена процедура“, врз основа на принципите на транспарентност, недискриминација, согласно Законот за јавни набавки.