Премиерот Христијан Мицкоски најави дека во јуни ќе се постави камен-темелник на ветерниот парк, што ќе се гради меѓу општините Радовиш, Карбинци и Штип, проект вреден пола милијарда долари.
„Дотогаш, инвеститорот ќе ги заврши сите неопходни проекти за комплетна инсталација на ветерниот парк, па во текот на летото ќе се реализира овој најнов ветерен парк во Македонија“, рече Мицкоски.
Во овој контекст, според премиерот, е и соларниот парк што треба да се гради на местото на нереализираниот карго аеродром кај Штип. Овој соларен парк беше најавен уште во 2021 во времето кога премиер беше Зоран Заев, а во една прилика тогашната министерка за животна средина Каја Шукова рече дека земјиштето под панелите може да се искористи за садење земјоделски култури, како тикви, краставици и бостан.
„Денес, соларниот парк кај Штип е во фаза на надминување на три важни прашања, почнувајќи од категоризацијата на земјиштето, кое е земјоделско и се користи за производство на храна. Второто прашање е откупот на електричната енергија и нејзината цена и третото е инсталирањето на батериите за складирање на произведената струја за да може да се користи во периоди кога немаме сончева радијација“, вели Мицкоски, кој, сепак, е оптимист дека и оваа инвестиција ќе стане реалност.
Т. ЈОВАНОВСКИ