Охридскиот градоначалник Кирил Пецаков и неговиот тим вчера остварија работна средба со претставниците на реактивната мониторинг-мисија на УНЕСКО кои се во неколкудневна посета на нашата држава. Пред членовите на Центарот за светско наследство, на Меѓународниот совет за споменици и локалитети и Меѓународната унија за заштита на природата, како и на Националниот координативен тим од Македонија, тој ја истакна посветеноста на Општина Охрид за зачувување на природното наследство во Охридскиот регион.

„Ја истакнав силната посветеност на Општина Охрид за зачувување на природното наследство во Охридскиот регион. Детално ги информирав и за сите чекори кои ги преземаме, како и со временските рамки за нивна реализација. Силно сме посветени и не отстапуваме во спроведувањето на веќе пропишаните правила за зачувување на статусот на Охридскиот регион во УНЕСКО“, вели Пецаков.

Инаку, како што претходно посочи министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, претставниците на реактивната мониторинг-мисија на УНЕСКО се дојдени да ја утврдат фактичката состојба околу заштитата на Охридскиот регион на терен. Тие ќе имаат средби со претставници на сите засегнати институции и субјекти, од што ќе произлезат и заклучоци според кои државата ќе треба да постапува.