Бројни награди за учениците од „Илија Николовски Луј“ на Меѓународниот фестивал „Полихимниа“

Трудот и работата на наставникот, смета професорот Колевски, која воопшто не е едноставна, е од клучно значење и е неопходна за развој и успех на ученикот

Наградените ученици на професорот по хармоника, Љупчо Колевски

Денеска заврши Меѓународниот фестивал „Полихимниа“, кој деветти пат по ред годинава се одржа во Скопје. Млади музичари, студенти и професионалци од Македонија, секој со својот инструмент и во соодветна категорија, се натпреваруваа во конкуренција од нивни врсници од вкупно европски 10 земји.

Верица Шотаровска, професорката по пијано од Државниот музичко-балетски училишен центар „Илија Николовски Луј“, која заедно со нејзината колешка Николина Тодоровска, професорка по флејта се основачки на фестивалот, за Мета вели дека имаме многу талентирани деца, кои секогаш добиваат пофалби од жири-комисиите и кои можат да им конкурираат на младите уметници од светот.

„Фестивалот започна на 19 април и траеше до 23 април. Отворањето започна со концерт на лауретатот на 2023 година, Магдалена Дрмач. Настапите се одржаа на три локации, во концертна сала во Даут Пашин Амам, во концертна сала на Факултетот за музичка уметност, како и во Музејот на ВМРО. Натпреварувачите ги бодуваше и оценуваше меѓународна комисија, на самиот ден на натпреварот. Учесници беа ученици, како и студенти и музичари професионалци. Тие се натпреваруваа со нивни врсници од Косово, Србија, Црна Гора, Хрватска, Албанија, Бугарија, Турција, Белорусија, Кореа со гости од Словенија и Франција и Нов Зеланд во жири комисија. Горди сме на нашиот фестивал. Со колешката Тодоровска заедно работиме и заедно ги планираме активностите, програмата и проектите. Горди сме што децата можат да свират во најубави сали, на убави инструменти и да ги оценуваат различни комисии“, вели проф. Шотаровска.

Љупчо Колевски, професорот по хармоника во „Илија Николовски Луј“ имаше негови ученици кои исто така беа дел од ова натпреварување.

„Неодамнешните резултати кој што ги постигнаа младите хармоникаши се од големо значење, пред сè, за нивна понатамошна мотивација. Секое настапување, независно од тоа, дали е натпревар, концерт или друг начин на претставување, придонесува за развојот, посебно кај младите кои што сакат да се докажуваат и да покажат што научиле. Нашиот музички центар изобилува со талентирани млади музички надежи, на кои ваквите настапи им се од огромно значење. Пожелно е да ги има во што поголем број, бидејќи сцената е нивниот сон и нивна иднина“, смета професорот Колевски.

Трудот и работата на наставникот, додава тој, која воопшто не е едноставна, е од клучно значење која е неопходна за развој и успех на ученикот.

„Ни претставуваше голема чест и задоволство мене и на моите ученици што бевме дел од овогодинешниот меѓународен натпревар Полихимнија и на сите учесници им посакувам уште поголеми успеси во иднина“, порача Колевски.

Инаку, две први награди во хармоника освоија учениците Јаков Христов и Марин Петковски, а две први места освоија учениците Марко Илиевски и Тео Трајковски.

Oд завршниот концерт на фестивалот. Фото: „Полихимниа“

Oваа година во рамки на фестивалот беа застапени повеќе категории на инструменти за соло и камерна изведба (пијано, хармоника, дувачки инструменти, гудачки инструменти, гитара, соло пеење и камерна музика). Покрај натпреварот, се одржаа и работилници и семинари за ученици и студенти, а беа прогласени и лауреати.